25.06.2012, 13:53 До септември ќе заврши изградбата на Спомен куќата на Ататурк
Во селото Коџаџик веќе се конзервирани и реставрирани старите, постоечки ѕидови во приземјето и е направена карабината на приземниот дел
Охрид - Реализацијата на проектот „Спомен куќа и роднинската куќа на родителите на Мустафа Кемал Ататурк“ во дебарската област Центар Жупа, односно селото Коџаџик, се одвива според предвидениот план и динамика. Проектот се реализира од страна на Министерството за култура во соработка со турската агенција за соработка и координација-ТИКА. Веќе се конзервирани и реставрирани старите, постоечки ѕидови во приземјето и е направена карабината на приземниот дел.
Според планираното, целокупниот проект треба да биде завршен до септември оваа година. Министерството за транспорт и врски веќе го изгради предвидениот пат од центарот на селото Коџаџик до Спомен куќата. По изградбата на објектот се очекува особено зголемено присуството на туристи од Република Турција. Истовремено тоа ќе биде нов импулс на добрите македонско- турски односи во сите сфери.
Изминатиов викенд во посета на објектот беше министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, заедно со заменик претседателот на турската Влада Беќир Боздаг. Притоа Канческа - Милевска оцени дека со реализацијата на проектот за реконструкција на родната куќа на семејството Ататурк ќе се зацврсти пријателството кое постои помеѓу Македонија и Турција и ќе биде силен аргумент во промоцијата на меѓукултурниот дијалог. „Овој проект е од особено значење за Владата на Македонија и за граѓаните на нашата држава, бидејќи името на големиот Кемал Ататурк е трајна и нераскинлива врска помеѓу нашите две земји“, нагласува Канческа - Милевска.
Добрите пријателски односи меѓу двете држави и двата народа ги нагласи и турскиот вицепремиер Боздаг. Република Македонија и Република Турција се две пријателски држави. Сите реализирани проекти укажуваат дека нашите народи се навистина тесно поврзани меѓусебе“, вели Боздаг.
Изминатиов викенд, Канческа - Милевска и Боздаг ги промовираа и трите комплетно реконструирани споменици на културата од Османлискиот период во Македонија: Воска амамот, теќето на Зејнел Абедин паша и турбето на Синан Челеби на Имарет во Охрид, како доказ за грижата во негувањето на заедничките вредности создавани во минатото. (В.М)
|