25.06.2012, 14:01 Промоција на Македонија во Полска
Со презентација на убавините на Охридското езеро во полскиот неделник „Swiat i Ludzie” (Свет и луѓе) започна кампањата за промоција на Македонија во оваа земја
Охрид - Во еден од најпопуларните неделни магазини во Полска „Swiat i Ludzie“ („Свет и луѓе”), претставени се убавините на Охридското езеро, на 6 страници, со што и официјално започна кампањата за промоција на Македонија во оваа земја, организирана од проектот „Маcedonia Loves You“. Претставувањето е во рамките на серијалот „Патувања од соништата“, а главниот фокус на промоцијата е убавината на древната природа на Охридското езеро и богатото македонско културно наследство од античко време, преку средновековието до модерните културни фестивали.
Магазинот „Swiat i Ludzie“ е со просечна неделна продажба од 300.000 примероци, а негов издавач е една од најмоќните медумски групации во Полска и во Европа, Бауер Медиа, која во своја сопственост има и влијателни радио, магазини и весници, телевизија и он -лајн медиумски брендови.
Кампањата за промоција на Македонија во Полска ќе продолжи и следните месеци. За таа цел, посочениот проект покани пријатели во Полска, новинари и медиумски експерти, да се приклучат на кампањата, што доведе до формирање на неформална лоби група за Македонија. Во јули е планирана презентацијата на Националниот парк „Пелистер” на еден од најпопуларните портали во Полска. Кампањата ќе кулминира на есен со ново празнично издание на веб - страницата на проектот, ќе се прославува петгодишнината од неговото постоење и уште еднаш ќе се презентира Македонија со прекрасни фотографии и македонска поезија.
Проектот „Macedonia Loves You” започна во 2007 година и оттогаш преку низа настани ја промовира убавината на Македонија, пријателството и разбирањето меѓу луѓето. Во рамките на проектот е и наградата „Најдобар промотор на Македонија“. (В.М)
|