23.09.2010, 17:38 Бесплатни учебници
Марина Манојловска, Куманово Колку и да сакаш да пофалиш некој проект на Владата во сферата на образованието, реално се соочуваш со проблем да го образложиш тоа, бидејќи ниеден, ама баш ниеден не се темели на реално остварливи, системски и долгорочни решенија, кои, пред се', ќе бидат олеснување за децата, родителите и за наставниците, а од витално значење за функционирање на државата и самиот систем на образование. По се' изгледа и учебниците како и компјутерите ќе служат за гледање без можност за нивна употреба во наставата или поточно уште еден популистички проект, кој има цел да го одржи рејтингот на власта на солидни 24 проценти во образованието нема да даде никаков ефект, напротив, и овој проект ќе ги чини граѓаните скапо. Бесплатните учебници можат да имаат ефект единствено ако настанат системски промени во наставните планови и програми и се користат единствено како помагало во проектните активности, кои насекаде во современото светско образование се темел врз ко�� се градат ученичките знаења. Во САД, Англија, Франција и многу други развиени земји секој наставен предмет се учи преку проектни активности, при што се користи Интернетот, енциклопедиите, литература од таа област, лаборатории, кабинети, нагледни средства и дидактички материјали, кои имаат цел теоријата да ја претворат во практични знаења, вештини и умеења, додека, пак, учебниците служат како појдовна точка за онаа што е предвидено за изучување и многу малку се користат. (Во нивните училишта секое дете има шкаф во кој му стојат учебниците и се користат единствено на час). Нема дилема дека во сферата на образованието владее хаос, како во наставните програми и планови, така и во делот на реформите, кои се темелат врз партиска програма, а не на светските текови. Целта на образованието треба и мора да биде создавање личности, кои со своите знаења,умеења и вештини ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, но и личности со развиено логичко и критичко размислување, кои ќе ги креираат состојбите во општеството со цел негово унапредување и развивање во нормално демократско, етичко, економско развиено општество прифатливо во европски и светски рамки. Она што мора да биде приоритет на Владата (оваа или идна) е санирање на состојбите во училиштата и нивно опремување за современа настава, осовременување на наставните планови и програми, кои ќе соодветствуваат со комуникациската и научно-технолошката револуција на 21 век, потребата на учениците и наставниците за следење на современите достигнувања во образованието и нивно имплементирање во секојдневниот живот, развивање на општеството според квалитетот во образованието како категорија, која означува развој на научната мисла, но и на етичките норми и принципи. Иако Владата се рекламира како реформска 24/7 она што досега успеавме да го видиме е чист популизам без визија за каква било реформа во континуитет. Реформите се прават со цел нешто да се унапреди, осовремени и имплементира, за жал, сега имаме компјутери кои не се користат, веронаука која падна на уставен суд, екстерно оценување, кое имаше цел смена на директори и наставници кои не ни се партиски навивачи, лиценцирањето на директори се претвори во тарапана, бркање наставници од работа по партиски клуч и бесплатни учебници од кои Владата инкасира огромни пари, не водејќи сметка кој ги пишува и како се напишани, најважното е рејтингот да опстои. Па, што од се' ова може да се нарече реформско ако наставните планови и програми по кои учат нашите деца се од 1974 год., добро е да ги напаѓаш комуњарите, а притоа да крадеш од нивниот труд оти овие новокомпонирани демократи - патриоти не знаат да работат, ама знаат како работи тарапаната.
|