Колку специјални претставници му се потребни на Балканот?
Можно ли е Педи Ешдаун да стане прокуратор на ЕУ за сите балкански земји. Македонија тогаш би имала двојна супервизија
Слободанка Јовановска
Подготвува ли ЕУ специјален претставник за Балканот или не, остана нејасно вчера откако веста беше лансирана од британските медиуми, но издевалвирана од претставници на Унијата во Сараево. Дали станува збор само за политичка амбиција на Кетрин Ештон, шефицата на дипломатијата на ЕУ или, пак, за политички концепт зад кој стои целиот Европски совет, ќе се знае натаму.
Она што е јасно е дека ако се случи тоа Балканот ќе има најмногу специјални претставници на еден квадратен метар, или поточно ќе има специјален над специјалните кои на ниво на поединечни земји сега се делегирани од Брисел. „Не мислам дека ни е потребен некаков специјален претставник за Балканот“, изјави кратко шпанскиот шеф на дипломатијата Анхел Мигуел Моратинос на прес-конференцијата во Сараево. Претходно и Карл Билт изјави дека не мисли оти Педи Ашдаун, кој се спомнува за оваа функција, ќе биде воопшто именуван. Според Моратинос, со Лисабонскиот договор таквата потреба е уште помала, бидејќи амбасадорите на ЕУ ќе ги претставуваат и ЕК и Советот на Унијата.
Сепак, веста што први ја лансираа британските медиуми не е сосема без основа и почива на блиските врски на Ешдаун со новиот британски шеф на дипломатијата Вилијам Хејг, со кој заедно пред неколку месеци излегоа со текст со кој ја критикуваа политиката на Брисел кон регионот. Според овие медиуми, Ештон денес во Лондон за тоа ќе разговара со Хејг, за кого „Гардијан“ тврди дека е „голем приврзаник“ на идејата токму Ешдаун да се врати на Балканскиот регион, во поинаква и поширока улога од претходната. Неговото именување, сепак, треба да добие поддршка од сите земји- членки на ЕУ, пред се', од Германија, која се' почесто и се' погласно приговара на привилегираната положба на Британците во новата дипломатска служба на Унијата. Новиот претставник на ЕУ не би се занимавал само со ситуацијата во Босна и Херцеговина, туку и со односите со Албанија, Македонија, Србија и Косово. Тоа во голема мера би значело дека му ја зема работата на Штефан Филе, индиректно и дека го оддалечува Балканот од ресорот евроинтеграција, а со тоа и од приемот во ЕУ, иако идејата е токму обратна - со негова помош тие да се забрзаат.
Од Европската комисија, која секогаш не е на линија со Советот иако Ештон е дел од неа, демантираа дека одлука за именување ваков претставник е донесена, но признаа дека се разгледувала. Ештон сметала дека ЕУ треба да развие нова политика кон Балканот, бидејќи релациите со овој стратегиски регион страдале поради вртењето на фокусот кон финансиската криза, додека профилот на дипломат што треба да застане на новата функција е некој што го познава добро регионот и има добри односи со САД и со Русија. Портпаролката на Ештон, сепак, ги стави во прашање и овие најави од ЕК, изјавувајќи дека не сака да коментира ш��екулации за позиција што не постои и оти искуството на Ешдаун во Босна зборува најдобро за него. Секоја одлука што Ештон може да ја донесе ќе биде во консултација со 27 земји-членки“, изјавила таа.
Она што е интересно за Македонија е дека ако биде именуван таков функционер, тогаш нашата Влада ќе има дупла супервизија од Унијата, бидејќи веќе има специјален пратеник. Во Брисел се во тек подготовки за замена на амбасадорот Ерван Фуере, но расправата запна околу тоа дали тој да биде обичен амбасадор според Лисабонскиот договор или покрај нов амбасадор да биде и специјален т.е. со уште една капа на двојната капа, иако по дефиниција новите именувања на Унијата ќе бидат такви. Како пример се посочуваат Судан и другите десетина земји со политички кризи или специфични политички ситуации во кои нема да се повлекуваат специјалните претставници, а на таа листа досега беше и Македонија. Името на наследникот на Фуере ќе се знае во јули, но извори од ЕУ тврдат дека информациите оти словенечка дипломатка ќе дојде во Скопје се туркаат од Љубљана, а не од Брисел, каде што очекуваат друго име да се најде на листата. |