ЕУ го храбри Западен Балкан
Тамара Грнчароска
Со реафирмирање на ставот дека вратите на ЕУ остануваат отворени за земјите од Западен Балкан, но без конкретни ветувања и датуми, заврши вчера самит на Европската унија со земјите од регионот во Сараево.
„Време е Западен Балкан да тргне напред“, изјави шпанскиот шеф на дипломатијата, Мигел Анхел Моратинос, актуелен претседавач со ЕУ. Тој, притоа, изрази заложба дека Унијата ќе направи се' за да ја засили европската перспектива на регионот. Според Моратинос, и во иднина е потребен дополнителен ангажман и одговорност на сите партнери за да дојде во регионот до целосно помирување, напредок и за да може да се преземе одговорност за постигнување повисоки цели.
Изјавата на Моратинос, но и онаа на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, дека самитот испратил „светла слика на новиот замав, успех и определба на ЕУ за проширување“ би требало да биде дополнителен стимул за понатамошен напредок на регионот. Во заедничката изјава на високите претставниците од ЕУ, 29 шефа на дипломати од регионот и од земјите-членки на ЕУ, претставници на меѓународни организации, но и од САД, Русија и Турција, се потврдува посветеноста кон европската преспектива на Западен Балкан.
Најсилни во заложбите за интегрирање на Балканот во ЕУ на самитот беа шведскиот и италијанскиот министер за надворешни работи, Карл Билт и Франко Фратини. И двајцата се заложија за тоа да ја поттурнат ЕУ да покаже дека „вратите на ЕУ се отворени“, и покрај намалувањето на ентузијазмот кај некои земји-членки.
„Постојат членки кај кои ентузијазмот за проширување, овие денови, е помал од 100 проценти, поради што е важно да дојдеме и да кажеме дека го реафирмираме тоа и дека вратите се отворени“, изјави Билт пред самитот. Фратини очекува „Европа да не биде срамежлива во реформирањето на заложбите“. „Доколку земјите-членки се двоумат, тогаш е на европските институции да го завршат нивниот дел“, смета Фратини.
Сепак дека не се очекуваше самитот во Сараево да донесе пресврт и нов клучен момент за земјите од регионот во контекст на ЕУ, како самитот во Загреб и оној во Солун, укажуваат и изјавите на анонимни високи претставници од ЕУ според кои „ова е само настан за добро чуство“. Според нив, не постои содржина со која би се очекувала промени на тој план. Во контекст на европските перспективи на Балканот, висок меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, во едно интервју изјави дека можен датум за групата балкански нации да влезат во ЕУ би можела да биде 2018 година, на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна.
Македонија, која на самитот ја претставуваше министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, од Унијата очекува да остане посветена на преземените обврски со кои на нашата земја би и го овозможила следниот чекор, а тоа се преговори за членство. Милошоски, по завршување на самитот, изјави дека Македонија имаше прилика да покаже пред земјите-членки на ЕУ и пред претставниците на европс��иот Совет и Комисијата оти е земја која е подготвена да ги продолжи реформите, да ги исполни преземените обврски и да ги почне преговорите за членство. „Од наша страна апелот до земјите-членки на ЕУ и на Европската комисија е Унијата во текот на шпанското претседателство да донесе одлука која ќе биде соодветна на направените реформи во Македонија, која ќе не' направи повеќе, а не помалку мотивирани како држава-кандидат“, изјави Милошоски.
Според македонскиот шеф на дипломатијата, самитот е порака од ЕУ дека таа се' уште посветува внимание на земјите од регионот, иако во Унијата се забележува дека има најмалку две различни струи. Едната смета дека ЕУ треба да е преокупирана со сопствените проблеми и предизвици и не треба да посветува големо внимание на останатите прашања, вклучително и на проширувањето со останати земји, додека другата група смета дека ЕУ има капацитет и преземени обврски за да може истовремено да се справи со сопствените предизвици и да остане посветена на процесот на проширување со земјите од регионот според остварените постигнувања.
Но, спорот со името кој се поставува како реална пречка за продолжување на македонскиот пат кон ЕУ, според Милошоски, нема да биде избегнат ни во правењето процена и носење одлука од ЕУ и од Комисија во следните две-три недели за започнување на претпристапните преговорите на нашата земја со Унијата.
Милошоски го искористи самитот да се сретне со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Димитрис Друцас, со кого разговарале за спорот. По средбата, Милошоски информираше дека Грција „мора да размисли сериозно и да му пристапи на билатералното прашање на таков начин што нема да го нарушува европскиот кредибилитет или да го става во заложништво процесот на проширување на ЕУ и процесот на напредок на Македонија“. „Блокадите само може да му наштетат на билатералниот процес на разговори што го водиме и во кој се обидуваме со заеднички напори да стигнеме до некое компромисно решение кое ќе ги задоволи дигнитетот и националните чувства на Македонија“, изјави Милошоски. (Т.Г.) |