Обемниот буџет почна да крахира
Намалените приходи и достасаните обврски за наплата ја натераа Владата на вонредна аукција вчера да зајми 30 милиони евра
Соња Маџовска
Почнаа да излегуваат на површина недостатоците на обемната државна каса, па затоа Владата мора да се задолжува вонредно на домашниот пазар. Според нив, се' помалите приходи во буџетот од една страна, а од друга достасаните обврски за наплата ја натераа Владата да го прекрши ветувањето што им го даде на почетокот на годинава на стопанствениците дека ќе закочи со задолжувањата дома.
Владата на вчерашната вонредна аукција на шестмесечни државни записи со девизна клаузула зајми од банките и од другите инвеститори 30 милиони евра, а бараше 32 милиона евра со камата од 4,99 отсто.
За овој месец, според календарот, е закажана уште една редовна аукција исто на шестмесечни државни записи за 15 јуни. Тогаш Владата ќе треба да врати од претходните зајмувања со државни записи 21,8 милиони евра. А наредниот вторник за отплата стасува и првата годишна рата од еврообврзницата, која изнесува 17,1 милион евра.
„Тоа што Владата направи ваков потег, закажувајќи вонредна аукција на државни записи, покажува дека нешто не штима. Тоа е индикација дека можниот крах на буџетската предимензионирана политика излегува на површина. Трендот на намалени буџетски приходи најверојатно продолжил и во мај, власта го знае тоа, бидејќи знае колку пари има на контото, а стасуваат обврските за наплата.
Овој буџет беше проектиран и на економски раст од 2 отсто, а факт е дека тоа нема да се оствари. Индустриското производство континуирано паѓа, а и ситуацијата во Европа нема знаци на позначајно подобрување. Ќе бидеме среќни ако годинашниот раст на БДП биде над позитивна нула. А тоа се рефлектира и врз буџетските приходи“, вели Ден Дончев. Тој смета дека за нешто позначајно да се смени Владата со претстојниот ребаланс треба да скрати 300 милиони евра, намалувајќи го даночното оптоварување кон приватниот сектор.
Неофицијално, ребалансот на буџетот е при крај и тој најверојатно ќе биде доставен на разгледување во Владата наредната седмица. Од Министерството за финансии се' уште не откриваат каде ќе се крати. Професорот Мирољуб Шукаров вели дека Владата мора што поскоро да го направи ребалансот и со што поголем рез.
„Во нестабилно време расходите може да бидат стабилни, но страдаат приходите. Со оглед на тоа што во меѓувреме нагло паѓаат приходите во буџетот, Владата мора да ги покрие расходите со зајмувања. Има простор за задолжување, но не смее буџетот да стане товар на економијата. Со овој тип задолжувања остануваат помалку пари за стопанството.
Владата мора што побрзо да го направи ребалансот и тоа колку поголем рез ќе направи ќе биде подобро. Тогаш Македонија има шанса за порелаксирана позиција, бидејќи сега таа е крајно затегната“, смета Шукаров. Тој смета дека во брзо време не ќе може Владата да најде пари на странските пазари со поволна камата. „Во Европа е голем пр��тисокот за зајмување. А Македонија и нема којзнае каков рејтинг. Ние имаме шпекулативен рејтинг, кој е сличен на грчкиот“, вели Шукаров.
Вчера и Народна банка на Македонија на аукцијата на благајнички записи собра 123 милиони евра од банките за камата од 6 отсто. Не стивнува интересот на банките за овие записи. И очигледно повисоката камата на благајничките записи била попривлечна за банките, па така поголемиот дел од средствата тие вчера ги пласирале во централната банка, а помал бил интересот за државните записи.
Моментно во Владата и во НБМ се замрзнати вкупно 740 милиони евра, од нив 405 милиони евра се во благајнички записи, а 235 во државни записи. И потоа не е чудно што стопанствениците се жалат дека за нив нема пари. |