Поглед
Ракометот на беспаќе
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Не толку одамна ги прославивме најголемите успеси на македонскиот репрезентативен ракомет. Женскиот национален во декември 2008 го освои седмото место на Европското првенство во Македонија, а машкиот во јануари 2009 заврши 11. на Светскиот шампионат во Хрватска. Само една година подоцна и двете селекции се на беспаќе - женската по елиминацијата во баражот за СП во Кина не успеа ни во квалификациите за ЕП во Норвешка и Данска, а машката по дебаклот на патот кон ЕП во Австрија не стигна ни до баражот за мундијалот во Шведска.
Што се случи за толку кратко време ракометна Македонија од врвот да се струполи до „втората лига“? Место континуитет од настапи на големите натпреварувања, повторно сме во жабурнакот во кој долго се прпелкавме.
Почетокот на крајот на женската репрезентација го означи пропаѓањето на поранешниот европски првак Кометал Ѓорче Петров околу кој гравитираше државниот тим. Металург прави некакви обиди за реанимација преку копирање на ѓорчепетровскиот модел, но засега тоа е малку за да запре надолниот тренд.
Моќниот заеднички спонзор и на истоимениот освојувач на двојната круна кај мажите со доведувањето на Червар навести некакво раздвижување. Но, значајната финансиска инјекција и најтрофејниот тренер на светот не играат на теренот, што индиректно се виде и во кошмарните јануарски квалификации во Адана.
И што сега? Нов почеток со истите луѓе и во Ракометната федерација и во националните селекции, од функционери преку стручен кадар до играчи? Тешко. Без проветрување, и тоа по вертикала, ракометар(к)ите само ќе ги зголемуваат јадовите на македонските љубители на спортот, кои годинава на големо натпреварување ќе можат да ги бодрат само ватерполистите. |