Кој крадел картички од урнатиот полски авион
Скандал околу кражбата на кредитни картички на загинатите Полјаци во авионската несреќа што се случи на 10 април
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Големиот скандал околу украдените кредитни картички на загинатите Полјаци во авионската несреќа што се случи на 10 април покрај Смоленск и вчера беше во центарот на вниманието на московските весници. Претставници на руската полиција категорично тврдат дека никој од специјалците не е уапсен, а во Варшава сега тврдат дека биле уапсени не тројца полициски специјалци, туку четворица војници што го обезбедуваа местото каде што се случи авионската несреќа.
Фактот дека некој во Смоленск извадил пари со картичка на загинат човек е доволен повод да се вмеша и руското обвинителство и да се утврди кој е виновникот. По новинската полемика на релација Варшава - Москва, многу нешта и натаму се нејасни, уште повеќе што од изјавите на Полјаците се гледа дека тие се потпираат на информации што ги добиле од Русија од своите колеги во Федералната служба за безбедност. „Правосудните органи задржаа четворица војници за кои постои сомневање дека по авионската несреќа на полскиот авион кај Смоленск користеле кредитни картички и извадиле пари од сметката на Анджеј Пшевозник, историчар и генерален секретар на полскиот Совет за зачувување на сеќавањето на борбата и мачеништвото. Тој беше главен организатор на комеморацијата во Катин“, изјави вчера претставничката за печатот на полската Агенција за внатрешна безбедност, Катажина Конспољскаја.
Вдовицата на Анджеј Пшевозник, Јоланта, изјави дека на денот на катастрофата на 10 април, како и во следните два дена од банкомат во Смоленск од сметката на нејзиниот сопруг биле извадени 6.000 злоти. „Ние добивме информација дека се задржани четворица виновници за кражба на банкарски картички. Тоа биле војници од специјалната единица што го обезбедуваше местото каде што се урна полскиот авион кај Смоленск“, рече Катажина Конспољскаја.
Да потсетиме, во неделата претставникот за информации на полската влада, Павел Грас, изјави дека благодарение на соработката меѓу полската Агенција за внатрешна безбедност и руската Федерална служба за безбедност се задржани тројца руски специјалци од составот на полицијата во Смоленск. На местото на несреќата веднаш по падот на авионот, пристигнаа околу 250 полицајци, а потоа нивниот број се зголеми до илјада. Нивна задача беше да заштитат пошироката област каде што се случи несреќата, бидејќи по пад на авион обично неговите делови и предметите од патниците се разлетуваат во радиус од неколку километри.
Веќе во неделата вечерта реагираше и полицијата во Смоленск, а потоа и Министерството за внатрешни работи на Русија, демантирајќи ја информацијата од Варшава со тврдење дека ниту еден специјалец не е уапсен ниту, пак, злоупотребил туѓи кредитни картички.
Обвинителството во Варшава на 14 мај почна истрага за кражбата на кредитните картички ��а Анджеј Пшевозник. Патем речено, освен што исчезнале две негови кредитни картички, наводно, не се пронајдени ниту картичките на уште неколку патници кои загинаа во април кај Смоленск. Шефот на полицијата во Смоленската област, а потоа и началникот на криминалниот оддел, Николај Турбовец, категорично ги демантираа тврдењата дека се уапсени специјалци.
Руското Министерство за полиција не само што ги негираше информациите од Полска туку и ги нарече „богохулни и цинични“. „Работата на смоленската полиција на сите делови доби највисока оцена. Раководителот на полскиот Сејм, Бронислав Коморовск, на 8 мај во полската амбасада во Москва награди четворица смоленски полицајци за работа на санирање на последиците по катастрофата. Тие добија „Орден за заслуга пред Република Полска“. Поради тоа, обвинението на сметка на полицајците од Смоленск е богохулна и цинична“, се наведува во соопштението на руското Министерство за внатрешни работи.
Најтиражниот московски весник, „Комсомолска правда“, во вчерашниот број пишува дека не е исклучена можноста некој навистина да украл картичка и со неа да извадил пари, но тоа сигурно не биле полицајци. Некои од експертите тврдат дека такви случаи не се реткост и дека се случуваат по авионски несреќи. Политиколозите предупредуваат дека од една кражба не треба да се прави политички проблем, па затоа полицијата мора да им влезе во трагата на крадците.
Да потсетиме, авионот на полскиот претседател на 10 април доживеа катастрофа. Покрај претседателот Лех Качињски и неговата сопруга загинаа уште 94 лица. Тие имаа намера да присуствуваат на комеморацијата во местото Катин каде што за време на Втората светска војна Сталиновата полиција уби повеќе од илјада полски офицери.
|