Мислења
Шведско и наше - различно, а сепак исто
Слободан Најдовски
Дали функционери од сегашната власт, државна и локална, се поврзани не само со сопственичката структура на „Сведмилк“, туку и со ТАТ
Говорот на премиерот пред младите сопартијци предизвика заслужено внимание. Дел од македонската јавност го оцени како прилично празен, без некои посебни пораки. Не би се согласил со таквите оцени. Напротив, сметам дека говорот беше наменет исклучиво кон неговите поддржувачи, со јасни пораки и, според се' изгледа, затоа некои делови поминаа незабележано од пошироката јавност. Кај политичарите, аналитичарите и новинарите, најмногу интерес предизвика неговата изјава во која македонските граѓани ги нарече „каков-таков народ“. Некако незабележано помина делот од говорот во кој, предизвикан од ништо, во негов стил, премиерот се изјасни дека опозицијата шири гласишта, при што напразно се обидува да го поврзе и обвини за повеќе афери, меѓу кои и за случајот со шведската млекарница „Сведмилк“. Најверојатно, со ова си ја ишкаше мувата од капата, но поважно од тоа е што покажа дека за исти или слични настани, владејачката партија се однесува различно.
Слушајќи го овој дел од говорот, се потсетив на времето од пред тринаесет години и настаните поврзани со пропаѓањето на штедилницата ТАТ, која во тоа време-невреме до темел ја разниша Битола. Граѓаните не само од Битола, туку и пошироко, кои ги изгубија своите пари, со право реагираа и побараа решение на проблемот, притоа барајќи одговорност и од државните органи, но и од политичарите кои беа на власт тогаш. Како по обичај, во Македонија дури и најбенигните случи партиите ги користат за политички маркетинг и придобивање гласови, а случајот ТАТ беше како роден за таа намена. Така, ВМРО-ДПМНЕ, позната по популистичкото однесување, дали директно или преку свои трансмисионери, се инфилтрира меѓу вистински оштетените штедачи. Сосема е нормално една опозициска партија да побара расчистување на случај со кој се засегнати голем број граѓани. Нормално е и да се побара одговорност од државни функционери доколку го предизвикале или се вмешани во одреден проблем или ненавремено реагирале иако за тоа биле надлежни. Но, тоа што не е нормално е партијата и лидерот да ги менуваат принципите кога се на власт. Така е со односот на сегашната власт спрема случајот „Сведмилк“.
Заедничко во случаите ТАТ и „Сведмилк“ е што се оштетени голем број граѓани. И во двата случаја се работи за високи суми, иако никогаш точно, барем за јавноста, не се утврдени. Постојат многу сличности и во системот на функционирање и градење на пирамидата, со привлекување на оштетените граѓани со понуда на повисоки, нереални цени. Заедничко е и тоа што одговорните во надлежните државни институции се тргаат настрана и бегаат од одговорност.
Според ВМРО-ДПМНЕ, постоеше одговорност кај поранешниот претседател на државата, г. Киро Глигоров, што се фотографираше со сопственичката на ТАТ и за тоа што и' врачи награда за успешен менаџер, доделена од одредена асоцијација. Но, ВМРО-ДПМНЕ не ја покажува својата доследност, бидејќи за нив не постои одговорност за премиерот и за другите високи политичари од власта кои се фотографираа при пуштањето во работа на пропаднатата шведска млекарница. Од петни жили запнуваа да докажат дека тие се најзаслужни за доаѓањето на „Сведмилк“, иако договорот беше постигнат со претходната влада, а сега молчат. Според челниците на власта, не постои поврзаност ни со рекламниот спот наменет за вонредните избори во 2008 година, кога сопственикот и менаџер на „Сведмилк“ беше директно вклучен во кампањата на денешната власт.
Во 1997 година со право се бараше да се испита неажурноста на Народна банка и на другите државни институции поради чија ненавремена реакција голем број семејства доживеаја трауми од кои некои ни денес не можат да закрепнат. Но, на партијата денес, како власт, ни на крај памет не и' паѓа да го постави прашањето за вината на денешните раководители на институциите кои затаија во контролата на работењето на млекарницата. Ќе добие ли јавноста одговор на прашањето - дали навремено, согласно со законските одредби, Швеѓаните ги исполнуваа давачките по разни основи кон државата и дали и колку имаат неплатени обврски.
Од тогашните политичари, посебно од битолските, се бараше да дадат изјава која повлекуваше и кривична одговорност, не само за поврзаност со работењето на штедилницата, туку и дали биле штедачи, што не е никаков грев. Денешните политичари кои се на власт не сакаат ни да се спомене каква било поврзаност со млекарницата, а камоли да дадат одговор на прашањето дали и кој од денешните функционери има поврзаност или затаил во вршењето на својата функција со „Сведмилк“. Ако премиерот, но и владејачката партија сакаат да бидат доследни, ќе треба да одговорат уште на неколку прашања поврзани со двата случаја. Дали и кој од денешните високи функционери и советници на власта, но и од оние што се именувани од власта, посебно од Битола, биле поврзани со ТАТ и тие или членови на нивните семејства штеделе во штедилницата. Тоа е сосема логично и ако се барало за поранешни функционери, сега опозиционери, истото тоа да се однесува и на сегашните учесници во власта за да се види нивното минато и поврзаност со штедилницата.
Власта мора да ја запознае јавноста дали некој од актуелните функционери има директна или индиректна поврзаност со сопственичката структура на „Сведмилк“ или на кој било начин е заинтересиран за судскиот епилог во самиот случај. Истовремено, треба да биде објавено дали и кој од актуелните политичари имал врска со Моше Баум.
Реакцијата на премиерот е неопходна поради тоа што и во двата случаја се работи за затајување на државните институции. При пропаѓањето на ТАТ тоа беше неопходно поради враќањето на довербата на граѓаните во штедењето, кое е главен предуслов за нивото на инвестиции во една држава. Светската финансиската криза и пропаѓањето на големи банки во минатата година покажа како треба да реагира една држава. Исто така и во случајот со „Сведмилк“ беше потребна навремена реакција за да се спречи уништувањето на сточниот фонд. Реакцијата е потребна за да се види дека функционираат институциите на државата.
Отфрлајќи каква било одговорност, премиерот испрати порака дека тој и неговата партија не се и нема никогаш да бидат одговорни, не само за „Сведмилк“, туку и за кој било друг случај, посебно ако е поврзан со финансиски малверзации. Таквата порака за да има тежина, мора да се изнајдат, да одговараат и да бидат санкционирани носителите на функции кои овозможија да се случи „Сведмилк“ и сличните случаи на него. Во спротивно, целокупната одговорност треба да ја преземе премиерот. Изговорот дека не сака да се меша, зашто се работи за приватна фирма не држи, бидејќи и ТАТ беше во приватна сопственост.
Политичарите од актуелната власт по секоја цена настојуваат да го забошотат овој случај. Па така, не сакаат ни да се сретнат со млекарите, а камоли да понудат заедничко решение. Дури и кога ќе им закажат средби потоа им поднесуваат тужби, каков што беше случајот со состанокот во канцеларијата на битолскиот градоначалник.
Колку и да се бара разлика меѓу ТАТ и „Сведмилк“, сличностите преовладуваат. Актуелната власт покажува дека за исти случаи има различни аршини. Случајот со ТАТ остана без институционална разрешница. Тој се одолжува и секогаш воскреснува пред избори за политички злоупотреби. Дали и со „Сведмилк“ ќе гледаме ист филм?
(Авторот е поранешен пратеник) |