Загадените води од Галичица опасност за охридската пастрмка
Мешањето на подземните со изворските води кај Билјанини Извори влијае врз здравствената состојба на пастрмките
Симон Илиевски
ОХРИД - Цедењето на подземните води од планината Галичица што се зголеми видно годинава претставува опасност за одгледувањето на вештачки оплодените млади пастрмки во Хидробиолошкиот институт во Охрид. Екологистите предупредуваат дека опасноста доаѓа од мешањето на загадените подземни води со оние од Билјанините Извори кои се употребуваат во базените за вештачко оплодување и одгледување подмладок на охридската пастрмка. Нова опасност е немањето пари за набавка на храна за малите рипчиња. Немањето храна, како што се шпекулираше во јавноста, било причина минатата недела во водите на езерото да се пуштат 400 илјади пастрмки стари два месеца, наместо од 9 како што е предвидено со законските прописи од оваа област.
„Немаме информации од експертите за последиците од загадените подземни води во одгледувањето на подмладокот на ретката охридска пастрмка“, демантираше Љупчо Димовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Но, тој призна дека Министерството, поради доцнењето на ребалансот на буџетот, во одреден период немало средства за набавка на храна за вештачки оплодените пастрмки. Министерот Димовски вети дека неделава средствата за храна и за дел од надоместоците за рибарите и рибочуварите ќе бидат префрлени на сметката на Хидробиолошкиот институт.
Експертите предупредуваат дека мешањето на загадените подземни со изворските води кај Билјанините Извори битно влијае врз здравствената состојба на пастрмките што се одгледуваат во базените на Институтот.
„Бактериите од подземните води неодамна предизвикаа зарази кај пастрмките во нашите базени, но кај оние постари од две години, а далеку помалку или само 5 отсто на подмладокот стар два месеци“, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт од Охрид. Тој објаснува дека подмладокот од 400 илјади пастрмки стари два месеца е пуштен во езерото за да се намали опасноста од влијанието на загадените води. Притоа, додава дека и во базените сега има милион млади рипчиња кои во таа средина имаат повеќе место и кислород што ги прави поотпорни на заразни заболувања.
„Подземните води се загадуваат при зголемени врнежи од дожд и снег со цедење од септичките јами од околните населени места што се наоѓаат над Хидробиолошкиот институт. Затоа, таму итно треба да се изградат канализационен систем и пречистителни станици, а опасноста трајно да се отстрани“, смета Ленче Локоска од Хидробиолошкиот институт. Слично размислуваат и во Заводот за јавно здравје од каде што предупредија дека водата од Билјанини Извори често е загадена и бараа да се воведе забрана за нејзина употреба.
Годинашниот вештачки мрест на охридската пастрмка, како единствен начин за спас на овој ендемичен вид риба стара неколку милиони години засега се одвива без посериозни проблеми. Сепак, предупредуваат експертите, опасноста од зарази постојано демне и бараат од надлежните државни органи поради здравјето и на луѓето и на рибите што побрзо да се надмине проблемот со загадувањето на Билјанини Извори. |