Надал петти пат крал на Ролан Гарос
Шпанецот во финалето во Париз, полесно од очекувањата, го совлада Робин Содерлинг со 6:4, 6:2 и 6:4
Рафаел Надал го врати престолот во Ролан Гарос кој го загуби минатата година кога во осмина финалето беше поразен токму од Робин Содерлинг. Пред тоа Шпанецот беше владар четири години. Сега против Содерлинг стигна до својата петта титула на париската земја со што му се приближи на легендарниот Швеѓанец Бјорн Борг кој во опен ерата најмногу пати (6) го освојуваше вториот Гренд-слем во сезоната. Надал пред неколку дена наполни 24 години, па Борг воопшто не е недостижен.
До новото финале „кралот на земјата“ стигна без загубен сет, а „трошки“ не му даде ниту на Содерлинг кој втора година едноподруго беше поразен во последниот меч на Ролан Гарос. Мала утеха може да му бидат 560 илјади евра, додека победникот собра двојно повеќе.
Што се однесува до мечот, Содерлинг имаше свои прилики, но ниту еднаш не успеа да му го одземе сервисот на Надал. Во најважните моменти Содерлинг или грешеше или неговиот ривал одигруваше фантастично. По еден брејк во првиот и во третиот сет, како и два во вториот беа доволни Надал да ја заврши работата за два часа и 18 минути игра за победа во три сета - 6:4, 6:2 и 6:4.
Во 2010 година Рафаел Надал на земја има скор од 22-0, а од вчера повторно е прв играч на АТП-листата, симнувајќи го од тронот Швајцарецот Роже Федерер.
Се разбира, Шпанецот беше презадоволен по петтиот триумф во Ролан Гарос во својата кариера, инаку седма гренд-слем титула воопшто.
„Му честитам на мојот противник, имаше фантастичен турнир и оваа и минатата година. Извини Робин, но одиграв неверојатен тенис и немаше шанси да ме победиш во ова финале“, изјави низ насмевка Надал пред да ја поздрави кралицата на Шпанија, а потоа и своите најблиски.
Робин Содерлинг, и покрај поразот во финалето изгледаше расположено.
„Пред се' мора да му честитам на Надал на сјајната победа по уште едно импресивно издание. Доколку продолжиш да играш на ова ниво ќе освоиш уште многу турнири. Уживав овде овие две недели и го обожавам овој турнир. Им благодарам на навивачите што доаѓаа и ме поддржуваа на секој меч. Ќе се вратам идната година и се надевам дека тоа ќе биде трета среќа за мене“, изјави Содерлинг. |