ЕВРОПА - БАЛКАН
Егзотичен туризам
Иван Торов
Зошто Меѓународната конференција за Западен Балкан во Сараево не ги исполни очекувањата, посебно на резигнираните земји од регионот
БЕЛГРАД - Сараево беше, па помина, и ако некој би сакал сега речиси една недела по Меѓународната конференција за Западен Балкан да го сумира нејзиниот исход, ќе има неверојатно лесна работа. Не се случи ништо ново ниту спектакуларно, ништо надвор од неколку месеци порано „дотеруваниот“ дипломатски протокол, кој, всушност, како и да планираше ова собирање на претставниците на земјите од регионот ЕУ, САД, Русија и Турција да биде што поскоро заборавено. Како и да не се случи. Дури ниту симболиката дека „самитот“ е одржан една деценија по сличниот собир во Загреб, и седум години од Солун, не влијаеше многу да се оди макар еден чекор натаму од веќе истрошените фрази, како што се, ете, Западен Балкан има европска перспектива.
Се' друго што се прогнозираше од собирот, кој некои балкански држави желно го исчекуваа надевајќи се на пооптимистички вести, остана во доменот на претпоставките и чисто претпоставување, што според некои, токму организаторите, ЕУ и претседавачот Шпанија и го планираа со доаѓањето во Сараево. За утеха на регионалните престолнини им е дадена можност од претседателското соопштение, кое е подготвено поради неформалниот карактер на собирот (без имиња на државите, знамиња), самите да го извлечат она што колку-толку им се допаѓа и им одговара на нивните внатрешни (дневно-политички) потреби. Накратко, задоволни се што Брисел не им ја тресна вратата, што со други зборови, ги држи во лажно уверување дека економско-финансиската, а богами и се' повидливата политичка криза во Европската унија нема да го наруши нивниот пат кон Унијата. На европската дипломатија, секако, моментално и' е неверојатно лесно на претендентите за членство да им ветува дека формално гледано, во процесот (и процедурата) за евроинтеграции нема ништо драматично да се менува, но повеќе ниту самата не е убедена дека забрзаниот економски колапс на Грција и се' поголемиот проблем со буџетскиот дефицит на Шпанија, Португалија, а судејќи според се' и Италија, нема наскоро да ги принуди наместо да размислуваат за судбината на Западен Балкан, да се спасуваат самите себе од распадот што им се заканува.
Забележително редуцираниот оптимизам на европските официјални лица, кој можеше да се почувствува во настапите и кулоарите на сараевскиот собир, на многумина им личеше на своевидна потврда дека Брисел е уморен од проширувањето и дека за него би било идеално ако по очекуваниот прием на Хрватска за година-две, би се случил одмор. Неговата должина, секако, би зависела од тоа во која насока и интензитет кризата во ЕУ и натаму би се отплеткувала или заплеткувала, ќе успее ли, по сите монетарни удари, еврозоната воопшто да опстане, дали и како ќе се надмине хроничната одбивност на некои развиени членки на ЕУ кон „недоверливиот е��ропски југ“, попрецизно, кон балканските земји и Турција, може ли таа да си го дозволи луксузот поразителните искуства од предвремениот прием на Романија и Бугарија и поделениот Кипар, но и со немањето на каква било контрола (економска и политичка) во однесувањето на Грција, чија повеќегодишна апсолутна неодговорност моментално ги ниша самите темели на Унијата, да се повторат во каков било облик.
Брисел нема отворено да му каже никому за такво нешто, па ниту на резигнираните балкански претенденти, но јасно ќе им стави до знаење (тоа веќе некако се случува) дека повеќе нема да има двојни аршини, гледања низ прсти, дека критериумите за прием (а особено контрола на нивната реализација) забележително ќе се заострат, и дека повеќе нема да има зачленувања во „во пакет“. Секоја балканска земја е приказна за себе, па така ќе изгледа и нивниот пат кон Брисел. Всушност, тој пат и натаму ќе биде послан со убави желби и намери, но и трња - некои велат со бодликава жица (препреки) - чијшто завршен епилог може да биде само едно: јакнење на чувствата на напуштеност, изневереност, резигнација и разочараност. Односно, евроскептицизам. Пред се', меѓу балканските држави на кои ЕУ им препушти самите, како знаат и умеат, да ги решаваат своите „билатерални“ проблеми со соседите. Особено, ако тие соседи, како Грција (повторно таа), се членки на ЕУ, па и имаат привилегија во тоа својство (со употреба на вето) да им го загорчат животот на граѓаните на сите оние земји што не им се по волја.
Македонија можеби е најилустративниот пример како таа „технологија“ функционира. Нејзиниот спор со Грција, кој од почетно оспорување на името на државата ескалираше во ултимативно негирање на идентитетот на една нација, нејзиниот јазик, култура, историја, устав и државните симболи, дотурка дотаму што напросто и' оневозможи својот петгодишен кандидатски статус да го круниса со одредување на датум за почеток на завршните преговори за пристап кон Унијата. Грција е презадоволна, успеа својот националистички проблем да го пренесе на Брисел, чијашто симптоматична индолентност направи грчките уцени да добијат форма на пресуден политички услов од ЕУ за Македонија, а неа самата да ја втурне во предворјето на алармантни внатрешни политички, во последно време и меѓунационални конфликти. Така, една држава, која што со години наназад важеше за пример за прилично стабилно движење кон ЕУ, со текот на времето стана едно од главните упоришта - на европесимизам и летаргија. Две обележја кои се' повеќе ја оддалечуваат од Европа, а ја приближуваат кон синдромот на „балканска крчма“. |