Руни се релаксира во Дубаи со 250.000 фунти неделно
По потпишувањето на новиот договор со Манчестер јунајтед најплатениот светски фудбалер Вејн Руни побегна во Обединетите Арапски Емирати.
Токму на својот 25. роденден англискиот репрезентативец од целата збрка се „сокри“ во луксузниот хотел „Бурј Ал Араб“ во Дубаи попознат како „Арапско едро“, во кој ноќевањето чини од 1.200 фунти па нагоре.
Руни, кој поради повреда на глуждот ќе ги пропушти идните 20 дена, со себе на петдневен одмор ја поведе и сопругата Колин. Едногодишниот син остана кај родителите на Колин.
Во петокот Руми потпиша нов петгодишен договор со Јунајтед вреден 250.000 фунти неделна плата, односно 65 милиони фунти за пет години. Освен астрономската плата, сопствениците му ветија дека ќе вложат пари за засилување на тимот, наводно 50 милиони фунти веќе во јануарскиот преоден рок, пишува „Сан“.
Сер Алекс Фергусон откри дека неговиот најдобар играч од минатата сезона се извини за јавно искажаните закани дека ќе го напушти клубот.
„Им се извини на играчите и мене, а ќе им се извини и на навивачите“, изјави шкотскиот менаџер.
„Дејли мирор“ пак, тврди дека во целата таа приказна Руни одбил уште подобра понуда од Сити, која за истите тие пет години ќе му донесеше 20 милиони фунти повеќе. Тие беа подготвени на градскиот ривал да му исплатат 75 милиони фунти за петгодишна верност, како и 10 милиони фунти бонус за промената на средината.
Ако е ова точно, испаѓа дека Руни одбил неделна плата од 288.000 фунти.
Челниците на Манчестер сити не се разочарани од ваквиот расплет на „Сагата Руни“, а нивно официјално лице вели дека нема врска што не успеаја овојпат. „Еден ден ќе потпишат и Руни и Торес“, изјавил тој. |