Македонија трета на „Трофеј Карпати“
Победа над Белорусија од 31:28 на крајот од турнирот во Романија
Со победата од 31:28 (16:15) над Белорусија во завчерашното последно коло, машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија го освои третото место на 38. „Трофеј Карпати“ што се одржа во романскиот град Орадеа од 21 до 23 октомври. На стартот од „Трофејот“ избраниците на в.д. селекторот Звонко Шундовски изгубија од Романија со 31:27 (19:14), а во второто коло се „прославија“ против Тунис, кога дадоа само два гола во првото полувреме, пред да го загубат натпреварот со 25:16 (15:2)! Токму тимот од Африка триумфира на турнирот на четири нации со ремито 32:32 со селекцијата на домаќинот, кој заврши втор поради полошата гол-разлика, а Белорусите со три пораза се последни.
Клучен за единствениот успех во Орадеа се покажа финишот од првиот дел, кога беше анулирано почетното водство на Белорусија и на одморот за се замина со минимална предност. Разликата во второто полувреме не падна под два гола, за на пет минути до крајот да се искачи на недостижни 28:23.
Турнирот во Романија беше генерална проба за трите европски селекции пред квалификациите за Европското првенство 2012 во Србија. Македонија в среда од 17,15 ч. во СРЦ „Кале“ ќе стартува против Естонија, а четири дена подоцна во сараевска „Скендерија“ ќе и' гостува на Босна и Херцеговина во рамките на првата група.
За мини-циклусот Шундовски ќе може да смета и на капитенот Кирил Лазаров, на интернационалците Владимир Темелков и Лазар Мајнов, како и на Борко Ристовски, Петре Ангелов и Наумче Мојсоски, кои неа беа во Орадеа. (Р.Д.) |