Алонсо нов лидер, кошмар за Ред бул
Шпанецот од Ферари победи во првата трка во Формула 1 во Јужна Кореја, Вебер и Фетел се откажаа на влажната патека во Јеонгам
Фернандо Алонсо победи во хаотичната трка за Големата награда на Јужна Кореја погодена од силен дожд и го презеде водството во вкупниот поредок од годинашниот шампионат во Формула 1, откако и двајцата возачи на Ред бул не успеаја да финишираат. Во инаугуралното Јужнокорејско гран-при одложено поради интензивни врнежи, кое потоа стартуваше, па беше запрено и повторно стартувано зад безбедносното возило по 48-минутно чекање, Шпанецот профитира од лошата среќа на директните конкуренти за титулата. На две трки до крајот, во кои на располагање се максимум 50 поени според новиот бодовен систем, Алонсо ја прослави својата петта победа сезонава, со која кусокот од 14 поени го претвори во предност од 11 бода во однос на досегашниот лидер, Австралиецот Марк Вебер од Ред бул.
Шампионот од 2008 година, Британецот Луис Хамилтон од Мекларен, заврши втор со заостанување од 14,9 секунди и се искачи на третото место севкупно со 210 поени, 21 помалку од Алонсо. Бразилецот Фелипе Маса од Ферари го освои третото место на новата патека во Јеонгам.
„Убаво, убаво. Ти и целиот тим го заслуживте ова. Гранде!“, му кажа преку радиоврска на поб��дникот од Ферари неговиот тимски шеф Стефано Доменикали.
Алонсо, кој има три победи во последните четири трки и вкупно 26 триумфи во кариерата, се радуваше како мало дете додека поминуваше под коцкестото знаме цели три часа откако трката требаше да почне.
„Ова е најдобрата трка годинава за тимот“, изјави тој. „Но, ништо не се смени навистина. На сите ни е познат новиот бодовен систем. Се' е можно“.
Вебер, кој тргна втор, зад тимскиот колега Себастијан Фетел од пол-позицијата, може да го потврди тоа. Тој се излизга на влажната и лизгава патека, ја удри оградата и притоа го собра Нико Розберг од Мерцедес, и тоа во ситуација кога трката само што вистински почна по тоа што изгледаше како вечност зад безбедносното возило.
„Целосно моја грешка“, изјави за Би-Би-Си Австралиецот, победник на четири трки сезонава, додека се враќаше во падокот. Ова е само второ откажување за него во досегашните 17 трки годинава. Се најдов на рабникот на излезот од 12. свиок и многу бавно излегов од тој рабник. Целосно моја грешка. Ова не беше мој ден“.
Тој е еден од многутемина што доживеаја разочарување, имајќи предвид дека само 15 од 24 болиди стигнаа на целта. Фетел, кој изгледаше како да му е судено да победи и првпат сезонава да го преземе водството во генералниот пласман, беше запрен во 46 круг поради експлозија на моторот во кошмарот за водечкиот тим во првенството, чијашто предност во однос на Мекларен се намали на само 27 поени.
„Видовте, моторот застана и не можев да сторам ништо. Ќе видиме, остануваат уште две трки“, им изјави тој на телевизиските известувачи. „Не можевме да бидеме подобри од тоа што водевме цело време и што ја контролиравме трката. Помалку или повеќе, перфектно ја завршивме работата. Трката се' уште трае“.
Фетел падна на четвртото место со 206 бода, а бранителот на титулата Џенсон Батон од Мекларен не освои поени и практично испадна од шампионската трка. Британецот сега има 42 поена помалку од водечкиот.
Седумкратниот шампион Михаел Шумахер од Мерцедес заврши четврти, израмнувајќи го најдобриот пласман во својата тешка повратничка сезона, е Полјакот Роберт Кубица од Рено го освои петтото место. Поени освоија уште Витантонио Лиуци од Форс Индија, Рубенс Барикело од Вилијамс, Камуи Кобајаши и Ник Хајдфелд од Заубер, како и Нико Хулкенберг од Вилијамс, кои се пласираа од шестото до десеттото место по тој редослед.
Трката почна зад безбедносното возило, чијшто возач Бернд Мајландер го имаше својот најзафатен ден во годината, по првичното одложување од десет минути и повторниот прекин по само три извозени круга во невозможни услови.
„Не можеш да си ги видиш ни предните гуми кога си на правецот“, се пожали Батон преку тимското радио. „Едноставно, возиш сосема слеп, чекајќи да удриш некого“.
Алонсо изјави дека неговата победа била остварена во едни од најспецифичните услови во кои некогаш возел.
ПЛАСМАН НА ГН НА ЈУЖНА КОРЕЈА
1. Фернандо Алонсо (Шпанија) Ферари 2:48:20,810 ч.
2. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мекларен +14,999 сек.
3. Фелипе Маса (Бразил) Ферари +30,868 сек.
4. Михаел Шумахер (Германија) Мерцедес +39,688 сек.
5. Роберт Кубица (Полска) Рено +47,734 сек.
6. Витантонио Лиуци (Италија) Форс Индија +53,571 сек.
7. Рубенс Барикело (Бразил) Вилијамс +1:09,257 мин.
8. Камуи Кобајаши (Јапонија) Заубер +1:17,889 мин.
9. Ник Хајдфелд (Германија) Заубер +1:20,107 мин.
10. Нико Хулкенберг (Германија) Вилијамс +1:20,851 мин.
Пласман на останатите: 11. Алгерсуари, 12. Батон, 13. Ковалаинен, 14. Сена и 15. Јамамото. Се откажаа: Зутил (9 круга до крајот), Фетел (10), Петров (16), Глок (24), Буеми (25), Трули (30), Ди Граси (30), Вебер (37) и Розберг (37).
Вкупен поредок, возачи: Алонсо 231, Вебер 220, Хамилтон 210, Фетел 206, Батон 189, Маса 143, Кубица 124, Розберг 122, Шумахер 66, Барикело 47, Зутил 47, Кобајаши 31, Лиуци 21, Петров 19, Хулкенберг 18, Буеми 8, Де ла Роса 6, Хајдфелд 6 и Алгерсуари 3. Конструктори: Ред бул 426, Мекларен 399, Ферари 374, Мерцедес 188, Рено 143, Форс Индија 68, Вилијамс 65, Заубер 43 и Торо росо 11. |