Сантандер доби шестка од Реал (М), четири гола на Роналдо
„Кралевите“ на домашен терен славеа со 6:1 и го задржаа водството во Примера, Барса победи кај Сарагоса со 2:0
Фудбалерите на Реал Мадрид го понижија Сантандер на „Сантијаго Бернабе“ со 6:1 во меч од осмото коло во шпанската Примера и го задржаа водство на првенствената табела. Јунак во мечот беше Кристијано Роналдо кој постигна дури четири гола (15 минута, 26, 47 и 55) и со вкупно девет моментно е прв стрелец во лигата. Останатите два за „кралевите“ беа дело на Игуаин во 10 минута и Месут Осил во 63. Почесниот за гостите го впиша Папа Диоп во 73 минута.
Двата погодока на Лионел Меси ја одведоа Барселона до триумф кај Сарагоса со 2:0. Аргентинецот ја погоди противничката мрежа во 40 и 67 минута за четврта гостинска победа на Каталонците во оваа сезона. Домашниот состав играше без својот најдобар стрелец Лоран Синама Понгол, а во 47 минута остана и без Леонардо Понцио кој доби црвен картон.
Во последниот вечерашен дуел во саботата Валенсија доживеа пораз на „Месталја“ од Мајорка со 2:1. Гостите поведоа во седмата минута со гол од пенал на Кастро, истиот фудбалер зголеми на 2:0 во 29 минута. Возврати Валенсија преку Солдадо во 36 минута со удар од белата точка меѓутоа до крајот на натпреварот не успеа да стигне до втор гол и до бо��.
Реал Мадрид останува лидер во Примера со 20 бода, еден повеќе од Барселона, додека Валенсија не успеа да го одржи чекорот со Каталонците.
Шпанија, 8. коло
Резултати: Сарагоса - Барселона 0:2, Реал Мадрид - Сантандер 6:1, Валенсија - Мајорка 1:2. Табела: Реал Мадрид 20, Барселона 19, Вилјареал 16 (-1), Валенсија 16, Атлетико Мадрид 13 (-1), Еспањол 12 (-1), итн... |