ЦСКА му откажа на Ѓоре Јовановски
Еден од нашите најтрофејни тренери по Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски не е повеќе тренер на бугарскиот прволигаш ЦСКА од Софија. По последниот пораз во Евро лигата од Рапид (Виена) управата на клубот донесе одлука да го раскине договорот со Јовановски. На клупата на еден од најпознатите клубови во Бугарија, Ѓоре Јовановски не издржа повеќе од два месеци. Имаше лоша серија во Евро лигата - три порази, од Бешикташ, Порто и Рапид, ЦСКА под неговото раководство одигра седум натпревари во Првата лига на Бугарија забележа четири победи, две нерешени игри и еден пораз. Кога дојде во клубот, ЦСКА беше во долниот дел на табелата, со само три бода, со доста неквалитетен играчки состав и се случи она што се очекуваше, Јовановски не успеа да го извлече клубот од криза. Освен тоа по многуте анонимни писма од некои луѓе од Македонија, испратени не само до медиумите туку и до челниците во клубот, во кои мошне лошо се пишуваше за нашиот тренер, се создаде и мачна атмосфера во ЦСКА што резултираше и со слаби резултати и отказ за нашиот тренер.
Инаку, ЦСКА пред десетина години го тренираше и Ѓоко Хаџиевски, неговиот дрес го носеа Бобан Бабунски, Саша Ќириќ, Љупчо Марковски, Артим Шакири и на неколкуте средби Игор Митревски. (М.М.) |