Анкета
Во викендите се распослува алтер-егото
Ако не си за себе, не си за никого - крајот на неделата нашите познати фаци го посветуваат на своите скриени таленти и хобија
Валентина Тодоровска
И да не постоеше она библиското дека седмиот ден е резервиран за одмор, соочување со себеси и секојдневието, во светот на вработените луѓе, најсветлата, неделна точка се - викендите. Од понеделник се крчка „стратегија“ а веќе во четврток се е подготвено за „маневар“. И не е важно дали сабота и недела се безицирани за љубовни филмови зачинети со вино, чистење и доведување на куќата во ред, дружење со пријателите, или со добра книга , сето тоа го има заедничкиот именител - викенд. Токму затоа ги прашуваме познатите- што и како прават во деновите за одмор.
Татјана Стојановска
Нетипичен ритам
Вести има и за викенди и за празници така што јас не ги уживам викендите и празниците како што тоа го прават вообичаено луѓето што работат од понеделник до петок. Многу ретко имам слободен викенд. Најчесто сум слободна само еден ден од викендот , а другиот ми е работен. Но затоа сум слободна за време на работните денови во неделата. Знаете ли колку е убаво во вторник во парк, на Водно или на некое место во околината на Скопје? Нема гужва...Само по некој минувач и имаш чувство дека целиот парк е твој. Тоа е предноста...Да уживаш во природата без некој да ти го нарушува мирот. Никогаш не сум живеела во таков ритам , на тоа да ги вршам домашните работи само за викенд , значи чистам и перам во текот на неделата. Кај мене се е толку нетипично во поглед на викендите и празниците. А и во поглед на работното време. Кога сите доаѓаат- јас одам на работа. Кога сите работат наутро , јас уживам во пижами до 14 часот. И супер ми е....
Никола Ефтимов
Средување на мислите
Иако мојата професија, честопати не ги „признава“ викендите, во последниве месеци си ветив дека повеќе ќе си го почитувам слободното време и крајот на неделата ќе биде резервиран исклучиво на моите потреби. Во оваа одлука отидов до таму што речиси љубоморно си го чувам периодот од петок попладне до понеделник наутро. Пред еден месец пристигна малиот Арон, мојот француски булдог, уште една причина повеќе да се повлечам во мојот дом и да ја акумулирам енергијата за претстојната седмица.
Вообичаено, откако ќе ги завршам обврските во петок попладне и доколку се наоѓам во централното градско подрачје, сакам да испешачам до дома. На тој начин си ги средувам мислите, а прошетката ми овозможува да „ ѕирнам“ во книжарниците да видам што има ново од литература и да посетам неколку цвеќарници, за да си ја задоволам мојата друга опсесија-билките. Ако не некој поголем „улов“, друштво до дома ми прави нов примерок на кактус.
Вечерта, доколку не сум премногу уморен ја минувам релаксирајќи се со некој коктел (во летните месеци вообичаено „мохито“ или „кајпириња“, „блади мери“ во текот на целата година) и некој добар филм.
Раното попладне во саботите ми е наменето за дел од набавките потребни за следните седум дена, доколку сум расположен за готвење, а многу често се занимавам и со моите растенија. Саботата навечер минува повторно со некој добар филм, поретко во средба со некој од моите најблиски пријатели.
Неделите започнуваат со долго будење покрај Арон, следува неделниот ручек кај моите родители, а неделното попладне и раната вечер, вообичаено минуваат во подготовка на понеделничките предавања.
Ова накусо беше мојата викенд рутина. Се разбира, постојат отстапувања, во зависност од фазата на некој проект во кој сум вклучен во дадениот период или од јавните настаните, на кои доста рестриктивно се појавувам.
Ненад Секирарски
Недела за мене
Се зависи од викендот, јас ја применувам формулата 6 дена за сите 7- от е само мој. Во зависност од приликите сепак го поминувам во уживање, книга, филм, музика интернет, со најблиските. Некогаш викендот ми е работен па некој ден што следи потоа го прогласувам за недела.
Виктор Петров- Викса
Заеднички авантури
Преку викенд секогаш се гледам со најблиските пријатели и задолжително имаме некоја заедничка авантура низ Македонија- или готвиме заедно и играме игри, смислуваме концепти за Спуштање востание (ние сме посебни и тотално одиме со ексклузивна состојба во однос на правецот на останатите востанија) . Наскоро и јавно ќе дејствуваме така што ова е ептен промо. Нашиот кружок брои најмалку 5 члена при секое состанување. Го учам моето домашно милениче Точка да чита и зборува странски јазици т.е го учам да мјаука. Засега оди супер. Преку викенд исто и се одморам, читам а не ми е настрано и да се шетнам покрај кејот на Вардар со старт од мостот Обединети нации па кон градскиот парк (ова е за сите папараци ако постојат оти сакам да ги навлечам и јас да ги сликам, а да некогаш ми доаѓа одлично и да фотографирам преку целиот ден.
Лиле Корубин
Уживам во пазарењето
Ја сум ранобудна , така што секој ден и викендите ги започнувам со пешачење во паркот со маж ми. Викендите ги сакам затоа што повеќето мои пријатели не се на работа, па така и повеќе се дружиме. Секоја са��ота наутро на кафе во ателјето во Сарај ни доаѓаат кумовите Бисерка и Митко Каеви. Потоа со маж ми одиме на пазар и јас уживам во енергијата која ја има по пазарите. Го сакам тоа движење, тезгите полни со различни овошја и зеленчуци. А најинтересно ми е во неделите кога ќе ја видам скопската елита која театарот го замени за шопинг во Веро, е таму баш сите ќе ги сретнеш.
Алек Наумовски
Мавровски сон
Викендите многу ги сакам, ако се договорам со моите Маца и Коки задолжително одиме за Маврово, а од таму користиме прилика да скокнеме до Галичник, Гари или Лазарополе...А ако се оди по план, верувај ми, се радувам „ко Циганче на цреша“. Во спротивно саботите ги користам за попладневни кафиња и да се видам со блиски луѓе, а неделите обично ми се секогаш резервирани за работа во дворот. Значи- кастрам, косам трева, прекопувам рози....Мене дворот ми е огледало на душата, значи каков ми е дворот таква ми е душата:)))))))). Да резимираме...викендите ми се преубави, а ако се споени уште со некој празник, на мојата радост и нема крај.
Жанко З’ш Голабовски
Активно ловење
Почна ловната сезона и викендов одам во лов на диви свињи во ловно друштво „Зајас“ поточно во атарот на селата Мидинци, Тајмиште, и Грешница, на Дарда и Бистра. А во сабота практикувам и полесни велосипедски тури во Охридско Струшкиот регион, додуша минатата сабота го вртевме Охридското езеро со нашиот клуб за велосипедизам планинарење и еко култура ЗСХ - ТОЧАК каде сум претседател. Воглавно викендите ми се активни што значи или планинарам или возиме велосипеди или сме на лов. Со клубот учествувавме и на маратонот Шарски води од Попова Шапка до Маврово, па Мариовско од село Витолиште до Мајден, па низ Галичица до Отешево, Трпејца- Охрид, маратон низ Јабланица, па на Пелистер, велосипедски маратон Кајмакчалан и многу други.
Ани Малинкова
Уживам во Кавадарци
Викендите ги посветувам на децата и некои прошетки низ Македонија претежно сум во Кавадарци. Убаво ми е, кавадарчанка сум и сакам да одам таму зошто имам доста пријатели и другари со кои си го минувам викендот максимално позитивно.
Анета Андонова
Ги „растегнувам“ часовите
На викендот му се радувам уште од четврток...Го планирам и гледам да го растегнам од 48 на 72 часа ... Таму треба да ги соберам сите активности... Задолжително чистење.. . Следува разубавување (фризер, маникир...) за дневната шема (која по дефиниција подразбира кус шопинг и кусо кафе.). Вечерта е резервирана за пријателите, а неделата, која инаку не ја сакам заради понеделникот, ја чувам за излет на планина, езеро, а може да се скокне до најблиската дестинација која излегува на море...Ако временските услови не се на наша страна тогаш неделата ќе ја потрошам на книга, филм или во кујна, испробувајќи нови рецепти... |