Фестивал на комедијата во Гевгелија
(29.10.2010г.-11:15ч.) Со гостувањето на комедијата „Цунами“ на сцената на Домот на културата во Гевгелија, во изведба на Драмското студио „Тетово“ синоќа започна шестдневниот Фестивал на комедијата „Смеата мелем на душата“. Од 28 октомври до 2 ноември на три сценски простори во Гевгелија, во Домот на културата „Македонија“, Пионерскиот дом и кафе бар „Корзо“, ќе бидат изведени шест, комедии со гостувања на исто толку театарски ансамбли. На програмата денеска е претставата „Итар Пејо и завидливиот“, во изведба на Театарот „Колозов“, кој низ играта пред најмладата публика ќе ја пренесе мудроста на народната порака. Утре театарската публика ќе може да ужива во ретките гостувања на професионални драмски ансамбли, како што е Драмскиот театар од Скопје со бравурозната комедија „Умри машки“. Покрај македонските артистички остварувања со преставите „Од кол на кол“ во изведба на НУ Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп и стенд-ап комедијата „Ружни женски и мали рачиња“ со Горазд Цветковски, организаторот обезбедил и гостувања од странство. Младински театар од Благоевград, Бугарија, пред гевгеличани ќе ја одигра претставата „Мечка и просидба“ во режија на Бранко Митов. Организатор на Првиот меѓународен театарски фестивал, посветен на комедијата под мотото „Смеата мелем на душата“ е Домот на културата Македонија“ од Гевгелија, во соработка со Општина Гевгелија, а под покровителство на Фондацијата „Аполонија“. (МИА)
|