Мислења
Шницлата на раздорот
Јосиф Ќурчиев
Бирократијата е како желудник: колку повеќе го полниш, толку повеќе се шири
БЕЗ РАКАВИЦИ
Ако некого од вас, по којзнае каков повод или причина, патот го наведе да се најде во местенцето од околу 200 души што се вика Хамерсбрике во близина на Кемниц, па уште и ако се погоди токму тогаш да е време за некој залак, секако нема да има друг избор, туку да влезе во гостилницата на извесен господин Герхард Калтшоер. И нема да згреши зашто кај него шницлата е колку чинијата, плус зајрето, дали компири, кисела зелка, шаргаре��и, грашок или со ананас како што ги прави тој, сеедно. Ако дотогаш кога некој од вас ќе се најде во Хамерсбрике кај Кемниц, таа гостилница се' уште постои. Зашто нејзиниот опстанок е доведен под прашалник, а нејзиниот сопственик Калтшоер можеби тогаш веќе ќе живее од социјална помош. И кој ќе биде виновен ако вие случајно залутани таму, нема да ја најдете таа гостилница што нуди големи шницли, па ќе морате да продолжите до следната кафеана, во некое друго место во близина каде што шницлите не се толку големи, туку се тешки само 165 грама, како што предвидува „прописот“, а не 200 до 220 какви што ги нуди гостилничарот Герхард Калтшоер? Всушност, токму во овој момент почнува неговата мака, односно битка што ја води со бирократијата, која го обвини дека затајува данок.
Еве како: финансиската инспекција, раскажува новинарот на германскиот неделник „Шпигел“, во јули годинава ја посетила гостилницата за строго да му укаже на сопственикот Калтшоер дека шницлата мора да тежи 165 грама, без притоа да биде дополнета со исечок ананас, ниту поросена со сирење. „Моите шницли, објаснува очајниот гостилничар, тежат повеќе од 200 грама, во сендвич со две парчиња ананас и потпечени со сирење. Зашто гостите за своите пари треба и добро да бидат нахранети“. Е, арно ама, упорниот претставник на власта, пардон, на финансиската служба, не сака ни да слушне за ваквото објаснување: шницлата има да тежи 165 грама и готово, таков е прописот! И уште закана: „Не помислувајте да не ме послушате зашто јас веќе затворив неколку гостилници во околинава“! Ау, бре!
Заканата не останала само на зборови. Набргу Калтшоер добил писание, според кое, затаил данок и треба да доплати 38 илјади евра, што за него би значело банкрот! Имено, тој пријавил дека во претходната година потрошил толку и толку пари за толку и толку месо за шницли. Инспекторот го поделил тоа количество со 165 грама и добил толку и толку шницли, а гостилничарот пријавил помалку зашто тој делел со 200 грама, а тоа не е по „пропис“. Разликата е 38 илјади евра и треба да се доплати. Калтшоер решил да се бори против „диктатурата на финансиската служба“ и да ја брани својата шницла со XXL димнезии и тежина. Се снабдил со мегафон и почнал јавно да протестира обвинувајќи за самоволие на бирократијата. Му се придружија неговите соселани, околу 200, со паролата: „Ние ја сакаме оваа шницла“! Протестот, со оглед на финансиската и банкарска криза, се претвори во манифестација против банкарите на кои им помага државата, а тие „лапаат“ големи бонуси. Калтшоер пишувал и писма до сите партии, до Министерството за финансии, до канцеларката, до медиумите. Се собраа и ТВ-екипи да известуваат за судбината на шницлата од 200 и повеќе грама. Приказната е во тек, а гостилничарот од Хамерсбрике се' уште чека прием во службата за финансии. Се надевам дека германските новинари ќе ја проследат приказната до крај, колку да трае, зашто, знаете и самите колку е потребно да се совлада неумоливата бирократија со нејзините „прописи“.
Значи, она што е чудно за мене, е како некој бирократ пресметал дека токму 165 грама е онаа тежина што го задоволува просечниот желудник? Зошто не 100 или 150, или 200 до 230, како што се шницлите на гостилничарот Калтшоер? Дали е правено тестирање, да речеме, со илјада доброволци што јаделе шницли или анкета во која бил опфатен, како кога се мери „рејтинг“, телефонски „примерок“ од 1.026 случајно избрани? Дали бирократијата притоа водела сметка за бројот на калории доволни некој да не остане гладен, ама и да не се прејаде, што би довело до негово здебелување, а државата, нели, треба да води сметка за здравјето на своите сограѓани, чие лекување потоа чини големи пари? И како воопшто се одвива тој процес на донесување „прописи“? Некој административец, можеби „експерт“, добива задача: види ти таму колкави шницли се нудат во нашиве гостилници, ресторани и хотели, па пресметај колкава е онаа вистинската што нема да го преполни желудникот на гостите. Па, тој тргнува на пат, јаде шницли или штогоде друго зашто не се само шницлите оние што подлежат на „прописи“, и носи предлог пред некаква комисија, која потоа „сериозно“ ги разгледува неговите сознанија и решава: шницлата има да тежи 165 грама! Патем, сигурно не испраќаат еден, туку цела армија „експерти“ што ќе јаде од парите на даночните обврзници за конечно да дојде до тој резултат. Всушност, не можам да се изначудам. На пример, ЕУ со својата армија административци и купиштата „прописи“ за тоа како треба да изгледаат и колкави треба да бидат киселите краставички во те��лите или за формата на бананите, нешто што буквално го вадеше од такт поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Или: Десетте божји заповеди имаат 297 збора, американската Декларација за независност 300, но затоа правилото за увоз на карамели во државите на Унијата содржи 26 илјади 911 збора!? Да не ти се верува!
Јас не знам дали и кај нас има такви или слични „прописи“, но бидејќи се „хармонизираме“ со европското законодавство, нема ништо што би можело да не' изненади, па одеднаш од угостителите да се бара шницла од 165 грама, кисела краставичка од 8,5 сантиметри исклучиво поставена вертикално во тегличката или банана свиткана под определен агол, да речеме од 12 степени и 14 секунди! А, ако тоа не е направено досега, ете цела армија административци што седат дома, па нека мислат и нека смислат нешто во таков контекст и дух(овито) и така барем до некаде да ги оправдаат платите наместо да вртат палци чекајќи столче и биро во некоја канцеларија. Значи, тоа не ми е познато, а треба да ми биде. Не дека ќе отворам гостилница во која ќе има шницли, туку за секој случај, да се запознаам со сите можни сопки кога би побарал европски „хармонизирана“ услуга од некоја административна служба. Засега само знам дека администрацијата, односно бирократијата како поширок поим, не сака само едно: да биде вознемирувана која јаде бурек, ајвар или некаков бургер кога е „пауза за појадок“ или кога пишува „веднаш се враќам“, а особено не со проблеми што би требало да ги знае, но не ги знае или се премногу компликувани, па ќе ве препратат до шефот, тој пак ќе ви каже дека тоа не е во надлежност на тој дел од администрацијата, туку прашајте во тоа и тоа министерство. Тие таму пак, ќе ви кажат: не, вие сте биле на вистинската адреса, тие се надлежни, а не ние, и така...
За жал, ние не сме како угостителот од Хамерсбрике, па да се фатиме за мегафон или да пишуваме писма, макар стигнале и до Европскиот суд. А, и кога сме, ќе се соберат „спонтано“ стотина бричени глави и по законот на силеџиството, удираат ќотек и повторно никому ништо. Бирократијата нема време за такви дребулии. Неа ја чекаат други „големи дела“. Сепак, да живее шницлата од 200 и кусур грама!
(Авторот е новинар) |