Калиопи
Светот го гледам со срцето, не со очите
Калиопи со новиот албум „Порака“ повторно го отвара срцето - емоциите се јазикот што таа го пее
Валентина Тодоровска
Новиот албум на Калиопи, десетото дискографско издание насловено како „Порака“, утревечер ќе има официјална промоција на градскиот плоштад.
„Кога размислував кого да поканам на промоцијата, низ глава ми помина една брза мисла - дека јас албумот го правам за народот. Така самото ми се наметна, искрено од срце - народот на промоција“, ни раскажа Калиопи во ова интервју, зборувајќи за новиот интересен проект. Патем, и зад нетип��чните песни во кои сега ја слушаме Калиопи, повторно го има познатиот сензибилитет, нештата да се опфатат во голема целина, што секогаш се нарекува љубов.
Албумот „Порака“ ме доведе до дилема - покрај неколкуте песни доследни на твојот сензибилитет, има уште неколку поинакви, кои сигурно имаат порака?
- Време беше за една мала промена во мојот живот. Бидејќи светот го гледам со срцето, а не со очите, дозволив да се препуштам и впуштам во непознатото. Така дојдов до ПОРАКА и затоа овој албум така звучи.
Албумот продукциски и аранжмански е различен, имаш сосема нов тим. Нашите читатели сигурно ќе ги интересира промената на твоите музички соработници?
- Промената се должи веројатно на некаква моја моментална состојба и потреба. Интуитивно почувствував дека таа промена ќе ми се случи и ќе ја најдам токму во овој тим на луѓе со кои и го работев албумот. Главниот продуцент и супервизор на албумот е Дарко Јурановиќ Д’Кнок, кој заедно со неговиот најблизок соработник Тихомир Прерадовиќ, се и главните аранжери на песните од албумот. Веројатно потребата да го дадат најдоброто од себе и визијата на Д’Кнок како тој ме гледа во музичкиот свет, балансирано со моите желби и визии, доведоа до тоа овој албум да биде по многу нешта различен , а сепак типичен и близок до она што години наназад сум.
Како се најдовте со Дарко Јурановиќ, ексчленот на бендот „Ити“ ? Знам дека светот го гледаш со срцето, па затоа - како се „препознавте“ и имаше ли музичка приказна како со Един Карамазов?
- Дарко го запознав пред година и пол во Загреб. Беше лето и мојата тамошна најблиска пријателка не запозна при една случајна средба. Знаев само за него дека е музичар, продуцент и дека работи повеќе надвор во светот, а помалку тука. Последно издание на Балканот кој го имаше работено и за кој освои 5 награди Порин, меѓу кои и за најдобра продукција, беше албумот на Нина Бадриќ- „Љубав“. Си разменивме контакти и толку...
Неколку месеци потоа судбината не спои заедно на еден проект, кој и на двајцата денес многу ни значи - албумот Тоше и пријателите, „Још увек сањам да смо заједно“. Дарко и Тихомир ја аранжираа и продуцираа песната „Засекогаш“ на Тоше Проески, која јас ја отпеав. Тука ни стана јасно дека си имаме уште многу за кажување на музички план и кратко потоа ја започнавме работата на овој албум...
Сметаш ли дека новите песни прават ново поглавје во кариерата или тие ќе те доближат кон помладата публика?
- Секако! Тоа пред се и го должев на мојата музика, на себе си и секако на мојата публика. Бидејки доаѓаат нови генерации, потребно е да им се сервира што поширока палета на музички избор. Тие самите ќе си ја одберат музиката која ќе го бележи нивното време, но моја задача е да оставам што повеќе зад себе.
Каде Калиопи е повеќе Калиопи - кога прави музика или кога е во текстовите? Колку музика, а колку зборовите можат и знаат да облагородуваат , или се работи за совршена симбиоза?
Кога ја создавам музиката, паралелно се раѓа и приказната која ќе ја содржи текстот. Едно без друго не оди. Дури и ако се работи за инструментална тема, постои секогаш глас кој немо ја говори приказната. И тука не сум важна јас, бидејќи сум само спроводник на нешто што небото ми го дарува и треба да излезе од мене. Бог е само еден.
Која песна ти создаде најмногу „главоболка“, кога и каде те има најмногу?
- Слатките главоболки се неизбежни и тоа како потребни при создавање на нешто што треба да говори и по тебе за тебе. Затоа ќе речам - секоја од песните ми е сестра, а секоја сестра се сака на различен начин. Така што, би било направедно од мене да говорам за тие релации, кога албумот од скоро се најде во рацете на љубителите на мојата музика. Ќе им дозволам самите да си го откриваат албумот, а оние кои успеале да ме спознаат, ќе ме препознаат внатре, каде сум јас најмногу јас...
Соработката со Мирослав Рус и неговата романтична „Ако још икад падне снег“ веројатно има интересна приказна. Патем, како дојде до дуетот со Марко Возвељ?
- Мирослав Рус е за мене балканскиот Леонард Коен. Човек со изразита поетичност и рефрени кои умеат да ја галат душата. АКО ЈОШ ИКАД ПАДНЕ СНИЈЕГ е песна која можеби не е напишана специјално за мене, но сигурно е песна која доаѓа во вистинско време во мои раце. Тој сметаше деке јас треба да ја отпеам, а јас бев пресреќна, бидејки уште од првото слушање верував дека е моја...
Дуетот со Марко е уште една топла приказна од овој албум. Тоа е песна која буди надеж и радост. Затоа Марко беше вистинскиот човек за овој дует. Песната е снимена во три верзии, на македонски, словенски и хрватски.
Кога се промовира албум останува малку празнина. Што е од некажаното, неиспеаното, што е од давањето на себе си. Како се чувствуваш сега?
- Веќе размислувам на она што следи. Овој албум допрва треба да го свириме во живо со мојот бенд и да уживаме во неговото презентирање. Тоа е исполнувањето, а празнините повторно ќе се пополнат со нови идеи и инспирација за нов следен проект. Но сега е прерано да се говори за тоа, бидејќи време е за ПОРАКА и нејзиното промовирање.
Кога е во прашање убавината, нема потреба од многу „керефеки“ и лудила. Убавината е во едноставноста, а зборот ми беше - Миличевиќ одлично ја сработи работата. И не само тој...
- Благодарам од срце! Ме радуваат реакциите околу севкупниот впечаток за албумот. Целиот тим на професионалци кои што работеа на реализацијата на обвивката и визуелизацијата на албумот, го направи најдоброто за мене. Почнувајќи од Александар Ношпал, за кој нема потреба да говорам, бидејќи неговиот потпис кажува се, до совршената шминка на Зоран Шурбевски кој со својата работа ме освои уште од соработката на спотот ЉУБИЧИЦЕ, па до вештите раце на еден од најголемите фризери на овие простори - Александар Каприш кој секогаш несебично ми се давал во она што го работам... И секако, вештото око на Дејан Миличевиќ, да го улови сето тоа и мајсторски да ги изработи фотографиите за мојот омот. Откако ги напишав овие редови, сфатив дека освен што опишав големи уметници, зборував за луѓе кои многу ми се драги...
Што работиш моментално, се' повеќе те има надвор од границите. Првата промоција на „Порака“ ќе се случи кај нас, а потоа?
- Првин тука а во Хрватска кон крајот на ноември. Секако, во моментов се работи на ПР-от и се подготвува теренот и во Босна, Словенија, Црна Гора и Србија. Така што ќе има многу работа, па по враќањето од Канада каде што ќе одржам голем солистички концерт, веднаш им се препуштам на обврските околу албумот.
Утрешниот концерт е доста храбра идеја, материјалот е нов, ама ти секогаш си била до и за луѓето.
- Најважно ми е пред се со овој концерт да и го искажам на публиката своето големо благодарам, на начин како што најдобро умеам. Затоа и си посакав еден ваков концерт, каде што сите ќе бидат поканети да бидат дел од мојата промоција на албумот. Нема да има званични покани, ниту ВИП-третмани за поединци. Секој еден е добредојден! Пораката на овој концерт и промоција се состои токму во тоа - да се сплотиме на едно место и да му се радуваме на животот.
Што е најубаво што може да му се случи на еден човек?
- Животот...
|