Музика
Моќта на постхумните виртуелни дуети
Со модерната аудиотехнологија веќе лесно се прави реконструкција на оригиналните мастер-ленти на познатите музички ѕвезди
Александар Митевски
Вистински тренд во музиката во светот е реконструкција на старите снимки и изолирање на вокалите на дамнешните хитови на големите ѕвезди и користење за нивно повторно оживување во нови аранжмански решенија или создавање виртуелни дуети со денешните ѕвезди. Со модерната аудиотехнологија веќе лесно се прави реконструкција на оригиналните мастер-ленти на познатите музички ѕвезди, а во поново време веќе се зборува и за технологија што ќе може да го изолира гласот од останатите инструменти и во најстарите моноснимки што е, секако, технолошко чудо што ќе отвори огромни можности во светот на музиката.
Благодарејќи на напредната модерна компјутерска технологија извонредниот вокал на Селин Дион имаше шанси да се спои со гласот на легендата Елвис Присли за потребите на гледаното американско шоу за таленти „Американ идол“. Иако има повеќе од триесетина години од смртта на кралот на рокенролот, сепак, Американците успеаја да направат вистински верен на оригиналот холограм што неодоливо потсетуваше на Присли, неговата појава и неверојатната изведба со Селин. Нивната спојка не е воопшто случајна и има здрава логика и симболика во повеќе погледи. Елвис со години беше главна ѕвезда на Лас Вегас, а сега, пак, со центарот на коцката, парите и среќата царува токму Селин како резидентна ѕвезда на престижниот „Caesar's palace“ со своите однапред продадени шоу-програми. Главната поента на оваа маестрална аудио и видеоалхемија што се случи пред три години во популарното шоу беше токму популарната песна на Елвис - If I Can Dream, која тој ја отпеа 1968 година, годината кога и се роди популарната Селин Дион што е, исто така, убава симболика. Во маестрално изведениот перформанс можеме да го забележиме кралот како верно чекори до Селин и на крајот од песната ја поздравува публиката, а во текот на целата изведба тие двајцата комуницираат еден со друг што е навистина тешко да се изведе. Целата магија е правена со месеци и се тргнало од оригиналната изведба на If I Can Dream која датира од неговото гледано таканаречено Elvis's '68 Comeback Specijal музичко шоу од каде е изваден ликот и перформансот на Елвис на оваа песна. Тука е секако и одличниот Елвисов имитатор Рајан Пелтон, кој маестрално ги ископирал движењата, гестикулациите и појавата на Елвис, па така со магијата на видеомонтажите и ротоскопската технологија и холограмот на Елвис се направи вистински привид дека тие двајца пеат дует во живо. Ова само по себе беше вистинско техничко ремек дело и милиони гледачи го погледнаа, а таа реална слика навистина побуди воодушевување, па дури и солзи на милионите гледачи кои за миг се присетија на големиот крал на рокенрол музиката во моментот кога неговиот холограм-дух блесна на екранот.
Кралот и неговите вокални ленти се неисцрпна инспирација низ годините и вистински предизвик на една цела армија негови обожаватели меѓу музичарите, пејачите и, секако, адвертајзинг компаниите што посакуваат барем малку од неговиот ѕвезден прав на своите производи. Во 2002 година по повод 25-годишнината од неговата смрт, неговите правни управители решија да го внесат Елвис и неговата музика во новиот милениум и денешнината па така ја зедоа и избраа малку познатата A Little Less Conversation и му ги доверија оригиналните вокали на холандскиот диџеј Том Холкенборг или JDZL кој направи навистина популарен денс ремикс кој подоцна се употреби за неколку рекламни кампањи. Истотака голем интерес кај јавноста се крена и околу предминатогодишниот албум со божикни песни наречен Christmas duets во кој гласот на Елвис беше споен со повеќе вокални солисти, како што се Лиен Рајмс, Оливија Њутн Џон и многу други кои пееја новогодишни класици со Присли. За 30-годишнината од неговата смрт, единственото дете на Елвис, ќерката Лиза Мери Присли објави видео во кое пее дует со нејзиниот популарен татко, што секако не е нејзин прв обид за дует со гласот на нејзиниот татко (таа претходно пееше со него во темата Don't Cry Daddy).
Интересен за јавноста беше и тогашното своевремено техничко чудо во 1991 година кога Натали Кол (ќерката на легендарниот починат Нет Кинг Кол) објави дека со помош на модерната технологија ќе ја има честа да го направи невозможното, да пее дует со нејзиниот татко. Токму тој виртуелен дует и се случи и се роди Unforgettable која насекаде се вртеше во 90-тите години како нешто нестандарно и воодушевувачко. Оттогаш тоа стана вистински тренд и многумина ја користеа оваа техника за правење на виртуелни дуети со оригиналните гласовни ленти на популарните заминати ѕвезди. Оваа популарна 58-годишна соул пејачка повторно се фати во костец со популарните ленти на својот татко Straighten Up и Fly Right и заедно со студискиот гуру Вилијам состави цел албум посветен на популарната џез- икона. За Наталија тоа за неа е вистински празник и остварување на соништата со тоа што работи со својот омилен продуцент Вилијамс, а преку гласот и со својот татко (идеја која Натали искрено мисли дека ќе му се допаѓала на Нет). Инаку Нет Кинг Кол почина 1965 година по подолга борба со ракот и зад себе има огромна музичка оставина што веројатно низ годините со помош на технологијата ќе се преработува уште многу.
Интересен беше и подвигот кој се случи на 14 години по смртта на битлсовецот Џон Ленон и голема бура се создаде во јавноста кога се објави дека тројцата (тогаш преостанати) бубачки влегуваат во студио за да снимат и издадат две нови песни со гласот на Џон. Вдовицата Јоко Оно тогаш му предала на Пол Макартни монокасета на која Џон пее, но материјал само на пијано со што се отворила техничката можност со новите помагала да се издвои гласот на Џон и да се пресвири песната и отпее од почеток. Со ова Јоко направила вистински исчекор и им покажала и на момците и на јавноста дека таа никогаш не била тука за да ги разедини Битлси туку да ги држи заедно. Тие ја издадоа оваа песна во 1995 година и беше одлично чувството да се слушне гласот на Џон во едно ново музичко парче.
Имаше интересна спојка и меѓу американската пејачка Ева Кесиди (која почина од рак на 33-годишна возраст во 1996) и нејзината сродна душа во музиката, Кејти Мелуа. Токму нивната постхумна соработка доведе до хит број 1 во 2007 година кога се направи музичка алхемија на хитот на Луис Армстронг - What a Whonderjul World. Кејти била огромен фан на Ева, па дури отпеа уште еден дует за песната Over The Rainbow, кој беше извонреден видео и аудиомикс од снимен материјал на Еви Кесиди кога ја исполнува таа нумера.
Интересна беше и студиската алхемија која се направи по повод трибјут албумот на кралот на поп музиката Мајкл Џексон и неговата прерана смрт. Кога неговите наследници ја пребаруваа неговата музичка оставина и демо-ленти на кои можеби ќе се открие нешто неиздадено, тие налетаа на една дамнешна демо-изведба на песна која ја работел со легендарниот автор Пол Енка. Тие вокали Мајкл ги отпеал во 1983 и била планирана како дует песна меѓу него и Пол и го носела насловот I Never Heard. Како и да е , плановите се изјаловиле и таа песна не била издадена, но семејството на Мајкл и неговите издавачи виделе одлична можност да се пласира нешто ново и неиздадено кое постхумно ќе има огромен комерцијален ефект. Неговите браќа ја направиле оркестрацијата и аранжманот околу гласот на Мајкл и ги отпеале придружните вокали, а режисерот Спајк Ли го спакувал видеоизданието за оваа песна.
Големи постхумни тиражи се направија и со големиот број на снимени оригинални вокали ленти на големиот вокалист Фреди Меркјури, кои беа дел од американската верзија на неговиот соло постхумен албум на годишнината од неговата смрт. Тука беа ангажирани повеќе продуценти кои имаа согласност од Џим Бич за да ги користат оригиналните вокали на Фреди и тука беа поместени песните како „The Great Pretender" и „Love Kills" со свои ремикси, „Mr. Bad Guy", вечната Барселона и „My Love Is Dangerous".
Музички микс се создаде и по смртта на Мајкл Хачинс од Инексес, тоа е песната Slide Away која тој постхумно ја пее во дует со Боно Вокс од Јуту. Сторијата вели дека Хачинс почнал да ја пишува оваа песна нешто пред својата смрт и, за жал, не успеал да ја доврши комплетно. Во тоа му помогнал неговиот близок пријател Боно Вокс кој се зафатил по неговата смрт и ја довршил комплетно оваа нумера и ги отпеал отпосле своите вокали користејќи ги испеаните фрази од Мајкл за нивниот дует. Од плејадата на виртуелни дуети особено со почетокот на 2000 година, убаво помина и постхумната соработка на легендарниот Луис Армстронг и неговата What a Wonderfull World со гостувањето на големиот инструменталист на саксофон – Кени Џи. Исто така, денешниот познат оперски пејач Брин Терфел сними виртуелен дует постхумно за големиот Бинг Крозби, верзија на неговата класика White Christmas. Големите продуцентски мајстори го комбинираа извонредниот глас на Терфел со Бинг правејќи притоа нова оркестрација која звучи многу помоќно од оригиналот.
И кај нас, ликот и делото на нашата најголема музичка легенда Тоше Проески продолжи да живее со постхумните музички изданија на нумери што ги имал отпеано пред трагичниот крај на својот живот, кои беа доработени од продуцентските екипи и издадени по повод хуманитарните концерти во негова чест. Така , јавноста засекогаш ќе ужива во нумерата „Се' уште сонувам дека сме заедно“ составена и доработена со неговиот оригинален зачуван вокал, како и неговиот постхумен дует со својот музикален внук, Мѕ литтле оне, а во најава има уште некои такви наслови. Од неговата музичка оставина останале уште многу неиздадени песни, вокални делници, музички линии што се искористија за конструкција на комплетно нови нумери, к��и најдоа место на трибјут албумот што го отпеаја дел од неговите музички пријатели од Македонија и од Балканот.
|