Власта да го слуша и ММФ, а не само Светска банка
Светска банка не' фали, а Фондот не' критикува, дали тоа ги збунува инвеститорите, прашуваат експертите
Соња Маџовска
Најновиот извештај на Светска банка, Дуинг бизнис, според кој Македонија е топ-реформатор и се искачи на 32 место на листата земји кои ја подобриле деловната клима, експертите, главно, го оценуваат како позитивен за земјава, но сметаат дека се наоѓаме во апсурдна ситуација да имаме добри оценки, а лоши резултати на терен. Излегува дека едно се теоретските објаснувања, а нешто сосема друго перцепцијата на инвеститорите за Македонија.
Според експертите, но и според Светска банка, за инвеститорите подобрувањето на регулативата е само еден елемент од синџирот што го гради деловниот амбиент на една бизнис-дестинација. Тука неминовно влегува и макрокеномската стабилност, инфраструктурата, конзистентноста на политиките.
„Моја препорака е како што Владата ги следи сугестиите од Светска банка, со исто толкава посветеност да ги следи и сугестиите од ММФ и економските препораки на ЕУ. Во тој контекст ќе има многу подобри резултати“, и' порачува на Владата поранешниот министер за финансии, Никола Поповски.
Тој смета дека најновиот извештај на Светска банка треба високо да се цени, со оглед на тоа што тој и' дава поддршка на Македонија. Според него, во својата методологија СБ оценува два аспекта - колку брзо се подобрува инвестициската клима, од една страна, и состојбата со инвестициската клима, од друга страна. Токму затоа, секогаш имаме состојба во која земјите што имаат лоша инвестициска клима брзо напредуваат затоа што тие имаат што да подобрат, за разлика од земјите кои се на висока позиции на табелата и кои објективно не можат и понатаму да ја подобруваат својата деловна клима, иако во апсолутна смисла и тие брзо напредуваат.
„Новото 32. место на Македонија е добар резултат, меѓутоа, внесува одредена доза конфузност во насоченоста на владините политики. Од една страна, Владата не ги почитува препораката на ММФ, па затоа политиките што ги промовира ММФ во фискалната и во монетарниот систем во Македонија заостануваат зад регулативата во другите сфери. Затоа се случува да имаме пофалби од СБ, но и критики од ММФ. Во ножиците на ваквите оценки инвеститорите ја губат довербата. Од една страна, има добра деловна клима, но високи камати на банкарскиот сектор и забрзано ниво на задолжување на државата. Дефицитите на тековната сметка и на јавната потрошувачка растат, стабилноста на денарот е под притисок. Странските инвеститори го земаат предвид и тоа, па затоа не се одлучуваат да инвестираат во Македо��ија“, вели Поповски. Тој смета дека важна улога во перцепцијата на инвеститорите за Македонија има и надворешната политика и проблемите со ЕУ и со НАТО-интеграциите кои создаваат додатна несигурност кај нив. И затоа и покрај нашето подобро рангирање кај Светска банка, инвеститорите побрзо се одлучуваат да инвестираат во Бугарија, Албанија, Хрватска или во Србија.
За експертите е важно и како информацијата од Светска банка, која во секој случај е позитивна, ќе одекне кај инвеститорите, со оглед на тоа што годинава кризата влијае на одложување на инвестициите. „Во секој случај, информацијата на Дуинг бизнис за напредокот на Македонија во делот на подобрување на условите за водење бизнис ќе влијае позитивно на странските инвеститори што сакаат да го шират бизнисот во земјава. Моментот е тежок, поради кризата, компаниите се консолидираат, ги оценуваат состојбите прво дома, а дури потоа одлучуваат да инвестираат. Компаниите во време на криза ги преиспитуваат одлуките“, смета професорот Зоран Ивановски од Европски универзитет.
И премиерот Никола Груевски го оцени извештајот на СБ како добар сигнал за инвеститорите. Според него, нормално е што опаѓаат странските инвестиции во време на криза. Груевски смета дека СБ ни одала големо признание. „Не е важно само што ни оддаде признание, туку уште е поважно што тоа е една порака до странските компании дека Македонија е земја каде што добро може да се прави бизнис, каде што немате крупни и сериозни пречки за правење бизнис. Тоа е она што сакаат да го слушнат странските компании“, порача Груевски од Кина. Тој, сепак, смета дека извештајот не е единствениот услов за зголемување на инвестициите. Според него, светот е во криза и е нормално странските инвестиции малку да опаднат. „Меѓутоа, кога инвеститорите ќе слушнат дека Македонија е веднаш зад Холандија и Франција, не само што е трет најдобар реформатор во 2009 година туку дека на генералната листа стигнала на 32. место и е пред Шпанија, Италија, Португалија, Грција, Словенија, пред цела Централна и Источна Европа, практично, тоа е сигнал дека ако најдете економски интерес за вашиот производ, оваа земја е одлична за правење бизнис“, истакна Груевски. (С.М.) |