Број 3083  петок, 11 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Мислења

На кафе-муабет

Исмет Рамадани

Не бил ист муабетот ако кафето го испиеш во Дебар Маало или на улица „Македонија“

Во денешно време со кого и да седнеш на кафе-муабет, само што ќе привршат прашањата и одговорите за здравјето и семејството, веднаш и без одложување се отвораат теми од политиката, економската криза, егзистенцијата и ред други проблеми што не' следат во секојдневјето. Не знам за вас, почитувани читатели, но најчесто го слушам рефренот на незадоволството: ништо не ни оди, за ништо не не' бидува, за никаде не сме, каде отидоа другите, а каде останавме ние, што се случува со нас, толку ли сме малери итн. Нормално, дали како пасивен или активен учесник во вакви муабети, стануваш дел од нивното резонирање. Ти преостанува само да заклучиш дека во многу нешта луѓето навистина и се во право. Колку и да се трудиш, тешко ќе најдеш макар и еден сегмент во општеството каде што ни одат работите како што треба. Можеби некој редок, многу редок пример како раритет, нешто заборавено и нечепнато од некоја власт. Понекогаш се стекнува впечаток дека луѓето живеат во стрес и паника и еднакво се плашат и тие што се и тие што не се со власта. Притоа, со право се прашуваат - колку ќе трае оваа неизвесност и дали ќе доживееме да живееме во нормална и саглам држава.

Колку и да сум компетентен, по еден ваков кафе-муабет, и да сакам не можам да пишувам дека се' е О.К., почнувајќи од меѓуетничките односи, кога ни се случуваат ситуации како Нерези и нападот на „комитите“, етничките смени во Струга, запишувањето на ученици-Албанци во медицинското училиште по долгото летно протестирање, проблематичното и недозволено учење мајчин јазик во Битола, Велес и Идризово. Ако на ова додадеме дека се' уште тензично се дебатираат состојбите во однос на службената употреба на јазиците, националните симболи, градењето верските објекти на плоштадот „Македонија“, културното наследство, партиската, поточно правичната застапеност на заедниците во институциите, „важи - не важи“ Рамковниот договор и ред други проблеми од оваа сфера, тогаш само ни останува заеднички да заклучиме дека проблемите реално постојат, а решенијата, иако ги има, никој не ги реализира.

Замислете го муабетот кога се отвора темата за економската криза и кога таа се поврзува со кризата во светот, ќе испадне дека од тепани, ние сме отепани. Економските показатели секој ден не' погодуваат: од голема поголема невработеност, од голема поголема сиромаштија, од голем поголем дефицит, од големи поголеми долгови. Во земјава, од ветените инвестиции останаа само рекламирањата и сликањата, веќе е очигледно дека во буџетот недостасува развојната компонента која реално може да ја подобри економската слика за државата. Буџетот принудно се движи од еден ребаланс кон друг ребаланс, од едно кратење на друго кратење, но, сепак, далеку од реалното, очекуваното и планираното. Колку и да ја кажуваат вистината и да манипулираат (не)компетентните од власта со граѓаните: економската криза кај нас веќе допира во дното на џебовите на секој трет граѓанин, а секое новороденче за подарок од државата добива надворешен долг од 5.700 евра. Не случајно економистите велат дека лошата политика е сигурен гарант за неуспешна економија. Тоа кај нас се потврдува со години и со префрлување на вината од една на друга власт.



Надворешната политика, продолжува муабетот, првата сопка ја има во соседството и така сопната никако да се исправи за да не смести и етаблира во НАТО и во ЕУ. Поплаките дека соседните земји едноподруго, во континуитет, ни прават пречки и ни создаваат проблеми во нашиот од кон евроатлантските интеграции не се оправдување секогаш, секаде и до бескрај. Во едни вакви создадени ситуации, некои од проблемите се решаваат со умерена и умешна надворешна политика и дипломатија, а некои од нив се прескокнуваат или се ставаат на стенд-бај за подобри времиња. Да го земеме примерот со спорот за името со Република Грција. Не требаше да прогласиме битка во далечната античка историја, која е запечатена и брендирана на меѓународен план и димензии во прилог на сегашните Грци. Наместо тоа, требаше да се прескокне овој процес и така да се создаде поповолна политичка клима во изнаоѓањето компромисно решение за името. Тоа ќе значеше зачленување во НАТО и побрз напредок во европските интеграции. Така ќе продолжевме многу посмирено и со подобра позиција да ги градиме односите со сите соседни земји врз база на заедничките интереси. Не велам дека треба да се попушти на провокациите кои засегаат во националниот идентитет, но не е излишно да се гради позиција која не остава простор за манипулации со посредна и непосредна штета на патот кон главната цел, а тоа е членството во НАТО и во ЕУ. Искуството ни потврдува дека секогаш кога на провокации реагираме како недораснати дипломати, подебелиот крај го искусуваме ние како држава која, за жал, се' уште е во тешко транзитно искушение.



Најлошото е што со голема успешност, соседните земји, користејќи некои непотребни провокации со дневнополитички карактер од наша страна ја пласираат тезата дека во политиката на Владата има премногу популизам и новокомонирана историја. Рака на срце и за волја на вистината, за една таква теза, и формално и сликовито, голем е придонесот на нашата Влада и нејзините аут-консултанти кои политички штетно се изживуваат во име на божем задоцнет македонски националромантизам. Дежа ву!

Пишувајќи го текстот ме закачи мислата, зависно од тоа каде и со кого седнуваш на кафе-муабет, рефренот на незадоволството може да биде и со сосема друга содржина. Има и задоволни и презадоволни соговорници за состојбите во државата. Тие кои се во власта и до власта, во макијато-беседите обично велат дека се' ни оди од рака, за се' не бидува, не може никој со нас, сите се зад нас, ние сме патриоти, не го даваме името, не ни треба НАТО, има време за ЕУ и се' ќе биде во наше време. Значи, не бил ист муабетот ако кафето го испиеш во Дебар Маало или на улица „Македонија“. А кога ќе седнеш на чај-муабет, ќе го слушнеш познатиот рефрен – нас никој за ништо не не' прашува. Нашиот народ има една мудра изрека која вели муабетот треба да се шири...

(Авторот е политички аналитичар)

 


#
Статијата е прочитана 1018 пати.

Испрати коментар

Од: golemoto uvce
Датум: 11.09.2009 01:59:30
Што му се секираш г-не Рамадани, патот за Арачиново не е уште направен, ама твојата зграда во Бутел 2 богами изгледа импозантно. Честитам! ЗнаЧи кога си на власт, заслабува диоптријата за маките околу тебе ( при тоа мислам на маките и на Албанците и на Македонците. Другите и така не ги шишавте и кога бевте на власт).
Од: senior
Датум: 11.09.2009 04:07:10
ubavo napisano,ali samo za toa sto pominalo do sega i kako sme zgresile ...... problem e kako vo idnina pak da ne se gresi ( da ne se gresi do tolku mnogu), nema da e opravime Makedonija ako samo rabotime sprotivno od toa do sega,se mi se cini deka ne razbirame edna rabota " ova e nov svet i mnogu raboti se menuvaat brzo i postojano" ..... zatoa eksperimenti se i toa kako potrebni ali ne za sporedni raboti ( od tipot objekti na plostad Makedonija) tuku vo ekonomijata tuka mora da ima svezina i razdvizenost ........... vo diplomatijata samo bez agresija se ke si dojde na svoe mesto,Makedonija e na vistinski kolosek
Од: terezija
Датум: 11.09.2009 13:13:36
PRIZNAVAM stvarno me zbuni...Da , da me zbuni fotografijata brate Ismete ...Nemashe li nekoja fotka od ponovo vreme (poverodostojna)..? Nejse ...i bez fotografija,a i koga bi se potpishal i kako "Ilija Ramchevski" sepak bi te PREPOZNAL barem po tekstot -ako nishto drugo,po samata misla ili percepcija na rabotite...Za zal raboti koi ne ni navestuvaat podobra idnina niti prosperitet ...Ostanavme tamu kade bevme i vo Vashe vreme i bez razlika na koj politichki blok pripagjate mora javno da si PRIZNAEME :Dojdoja DIVITE -gi izbrkaa PITOMITE...p.s./Mozebi ke bide dobro vo nekoe Vashe naredno obrakjanje da ni objasnite ;kako si dozvolivte takov "luxus"---Pozz.
Од: komentator
Датум: 11.09.2009 13:49:48
e..pa gospodine Ramadani....da problemot e vo toa sto se se ZAVRSUVA SO MUABET..pocnuvajki od vas "pocituvan" gospodine....!!!
Од: Noli do golemoto uvce
Датум: 11.09.2009 13:54:23
Golemo uvce, koj pat do Arachinovo ne e napraven? Patot do Arachinovo e mnogu podobar od patistata sto se vo centaror na Skopje, vklucuvajki go patot pred parlamentot, znaci toa sto go kaza nema vrska ama bash ich. A sto se odnesuva do zgradata, i tamu imas problem, ne razlikuvas zgrada od kuka, sto da pravis nie Albancite koga gradime kuka, navistina gradime. A za tebe sovet: daj najdi popametna rabota od pisuvanje komentari bez vrska
Од: Elmi
Датум: 11.09.2009 14:00:35
Kakov rezil. Gosp. Ramadani odi pij kafe so tvoite bivsi sogragjani vo Aracinovo koi ti dadoa 4X4 toest 16 godini mandat i nisto ne napravi. Zalosno sto tuka solis pamet a tamu lugjeto ne sakat da te vidat. Ti se podigna od nisto blagodarejqi na Aracinovo, a za niv ne sraboti nisto, pa tie problemi bea i vo tvoj mandat zosto ne gi resi, ili togas rabotese za situiranje finansisko na tebe i tvoeto semejstvo, sega site izbegavte.

Најди! во Утрински
Насловна
Софија на солзите не им верува
Зоврива собраната „кратошија“, зовриваат и лозарите
Борисов се коригираше за Македонија
Зденко
Власта да го слуша и ММФ, а не само Светска банка
Македонија не знае што ќе прави со „синот“ на Брозови
Политика во дворови
Груевски нуди „кинески кварт“ во економските зони
Државата не знае зошто не се продаваат дворовите
Последниот воз за Катанга
И конфискацијата на имотот алатка за политичка пресметка