Фуере на проба на претставата „Крпен живот“ во Мариово
Евроамбасадорот Ерван Фуере, како и театарски критичари, актери и писатели вчера присуствуваа на пробата на театарската претстава „Крпен живот“ во селото Манастир, Мариово. Ова е најновата претстава на Прилепскиот театар, што по текстот на Столе Попов, а во драматизација на Блаже Миневски, ја режира Владо Цветановски. Во Витолиште, Мариово, на 28 јули, ќе се случи и претпремиерата, додека премиерата е закажана за 3 август на „Охридско лето“.
Режисерот Цветановски театарската претстава ја смета како можност за поттикнување да заживее Мариово. „Разбравме дека во Манастир нема повеќе жители, дека селото е мртво. Сакавме да го оживееме. Мислиме дека на овој начин го враќаме духот на Македонија. Со ’Крпен живот‘ ги крпиме нашите животи“, рече Цветановски.
За евроамбасадорот Ерван Фуере необичен, впечатлив и автентичен е овој начин на подготвување театарска претстава. „Интересен начин за презентација на еден проект. Културата е симболот на земјата. Ова е вредноста која и' е потребна на Македонија. Мариово располага со големи туристички потенцијали, но и можности да се инвестира“, рече Фуере. Тој истакна дека иднината на овој регион е во фактот што е во пограничниот појас со Грција. Тоа дава можност за заеднички развој од двете страни на границата. |