Култниот Харис Пашовиќ на „Охридско лето“ доаѓа со две претстави
„Нора“ и „Класен непријател“ се двете театарски продукции на центарот „Ист-Вест“, чиј директор е Пашовиќ
Тина Иванова
Во рамките на „Охридско лето“, на 19 и на 21 јули, ќе бидат изведени две претстави во продукција на театарот „Ист-Вест“ од Босна и Херцеговина, чиј директор и воедно режисер на претставите е култниот босански уметник Харис Пашовиќ. Станува збор за класичната „Нора“, една од најпознатите драми на Хенрик Ибзен и современата „Класен непријател“ на Најџел Вилијамс, од кои првата ќе биде изведена во предворјето на „Св. Софија“, додека „Класен непријател“ ќе се игра во Основното училиште „Св. Климент Охридски“.
„Нора“ е симбол за освестување на поединецот и за пат кон индивидуалната слобода, што е една голема и важна идеја, рече Пашовиќ, толкувајќи го класичниот текст на Ибзен. Тој вели дека е горд што млади актери играат во оваа претстава. Во улогата на Нора се појавува Маја Изетбеговиќ, за која критиката веќе едногласно кажа дека е една од најдобрите млади актерки во регионот, која улогата ја носи на еден извонреден начин. Инаку, „Нора“ на Пашовиќ не е само симбол на жената и нејзината желба за слобода и саморазбирање, туку е анализа на модерното општество и западниот свет. „Нора“ е приказна за млад успешен брачен пар, кој навидум живее совршен живот. Но, кога ќе „гребнеме“ под површината, откриваме дека нивниот брак е далеку од идеален...
Текстот на Најџел Вилијамс, пак, „Класен непријател“, Пашовиќ, со дозвола на авторот, го адаптира и дејствието го помести во едно современо училиште во Сараево. Претставата зборува за пропустите во воспитувањето на новите генерации и се обидува да даде одговор на прашањето зошто младите го губат чувството за јавна вредност, стануваат груби и често се насочуваат кон криминалот. Претставата има одреден степен на документарност, со оглед на тоа што актерите и авторскиот тим за време на подготовките посетиле неколку гимназии во Сараево, откривајќи го високиот степен на вербална и физичка агресивност и наишле на општо разочарување кај учениците. Самиот Пашовиќ за претставата кажа: „Ова е една жестока, вознемирувачка претстава. Ја открива сликата на нашата реалност, која ние можеби не сакаме да ја видиме. Но, уметноста мора да биде и глас на оние кои немаат глас. Во овој случај, тоа се млади, сиромашни луѓе кои доаѓаат од дисфункционално семејство, кои растеле во тешки околности, во војна, чија изолација не е нивна вина. Не се тие виновни што се турнати на маргините на општеството, виновни се општеството, училиштата, медиумите, кои, всушност, не се занимаваат со нивните проблеми. Ние одлучивме да зборуваме во нивно име“.
Харис Пашовиќ, освен со театар, се занимава и со филм, ТВ и радио. Студиите ги завршува во Нови Сад и потоа на престижни универзитети во Њујорк, Франција, Данска, Велика Британија... Режира во познати театри и неговите претстави учествуваат на многу фестивали. Пред војната, режира и претстави кои денес се сметаат за класични во историјата на театарот во регионот, како „Будење на пролетта“ на Ведекинд, „Довикување на птиците“ според „Птици“ на Аристофан, „Чекајќи го Годо“ на Бекет, „Мара/Сад“ на Вајс итн. За време на опсадата на Сараево (1992-1995), Пашовиќ е директор на Меѓународниот театарски и филмски фестивал МЕС. Тогаш напуштениот МЕС, всушност, Пашовиќ го трансформира во меѓународен театарски и филмски фестивал. Во текот на војната оствари значаен придонес да опстојат Народно позориште во Сараево, Позориште млади и Академијата на сценските уметности. По неколкугодишна пауза, Пашовиќ се врати во театарот во 2002 година со Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, која ја режира пред парламентот на БиХ. Напиша и драма и ја режира претставата инспирирана од познатиот роман на МекКој „И коњите ги убиваат зарем не?“
Претставата „Хамлет“ на Шекспир ја режира во 2005 година, во „Ист-Вест“ центарот во Сараево, една од најголемите театарски копродукции во регионот во последниве 20 години. Пашовиќ истакна дека е заинтересиран за тоа како западните дела функционираат во источен контекст и обратно. И Центарот кој го основа „Ист-Вест“ има токму цел да го испитува дијалогот меѓу Исток и Запад. |