Број 3032  петок, 10 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Карлови Вари во знак на Изабел Ипер и Милош Форман


Сцена од новиот филм на Форман, „Добро платени прошетки“, кој во Карлови Вари ја имаше светската премиера

На реномираниот фестивал се одржа проекција на првиот чешки филм „Тобрук“ направен во дигитална 4К верзија

Од нашиот известувач
Сунчица Уневска

КАРЛОВИ ВАРИ - Првата половина од 44. Фестивал во Карлови Вари, Чешка, кој почна на 3 јули, помина целосно во знакот на француската актерка Изабел Ипер и американскиот режисер со чешко потекло Милош Форман. Изабел Ипер, која годинава игра и во еден од филмовите во главната програма „Вила Амалија“ на Беноа Жако, во Карлови Вари дојде за да ја прими наградата „Кристален глобус“ за нејзиниот придонес кон светскиот филм. Додека Милош Форман, режисерот кој ги направи филмовите „Лет над кукавичкото гнездо“, „Коса“ и „Амадеус“, во Карлови Вари ја имаше светската премиера на неговиот нов филм „Добро платени прошетки“ („A Walk Worthwhile“), со кој уште еднаш се навраќа на шеесеттите години.

„На секоја награда која сум ја добила гледам како на признание за режисерот со кој сум имала среќа да работам. Многу сум среќна што ја примам оваа убава награда во Карлови Вари, особено бидејќи овој град е историски поврзан со филмот. Филмот е прекрасен јазик кој успева да го изрази ирационалното во нас и поради тоа го сакам“, изјави Изабел Ипер при примањето на наградата која и ја додели претседателот на фестивалот, Јиржи Бартошка.

„Вила Амалија“ е филм за една жена која откако ќе открие дека мажот ја изневерува решава не само да го прекине нивниот брак, туку да започне се одново. Во овој филм таа повторно е пијанистка што многумина ги потсети на нејзината извонредна улога во „Пијанистка“, која и ја донесе „Златната палма“ во Кан. А во Карлови Вари во рамки��е на почеста за францускиот режисер Патрис Шеро се прикажува уште еден филм „Габриела“, во кој главна улога игра Изабел Ипер. Приказната на филмот е поместена на почетокот на 20 век, а Ипер ја игра улогата на една жена која не може да го напушти мажот иако повеќе не го сака. Запрашана за сличноста на улогите кои ги толкува, Изабел Ипер рече дека се тоа многу различни улоги одделени една од друга со векови.

„Во текот на сите овие години жените научија да реагираат и да ја бараат слободата. Мојата хероина во ’Вила Амалија‘ е чудна, повлечена, но во исто време и отворена, гледа што се случува околу неа, го гледа светот и неговата убавина. Вила Амалија е метафора за убавината и вечноста, кои исто така содржат нешто трагично и опасно“, рече Ипер, додавајќи дека иако станува збор за ментално тешки улоги тие не ја исцрпуваат, напротив. Филмот често, како што објасни, бил заслужен за нејзините одлуки да промени нешто во нејзиниот живот. А на прашањето колку е тешко да се направи кариера во Холивуд, Изабел Ипер рече дека Холивуд не е нејзиниот сон, како и на многу други европски актери. Дека таа од време на време игра во Холивуд, но дека улогите кои ги играла во Европа никогаш не би можела да ги игра во Холивуд. „Работите одамна не се такви во Холивуд за актерите да можат да стекнат пошироко признание“, категорично изјави Изабел Ипер, актерката која цели 30 години се наоѓа во врвот на европскиот филм.

Милош Форман пак, наградата за неговиот придонес кон светскиот филм ја има добиено уште во 1997 година. Но, годинава тој дојде на самото отворање на фестивалот изразувајќи му ја својата поддршка, а исто така се одлучи и премиерата на својот нов филм да ја направи токму овде. Станува збор за филмска верзија на театарската претстава од 1960 година „A Walk Worthwhile“ на познатиот писателски тандем Јиржи Суши и Јиржи Шлитр, која тој претходно ја има поставено во театар како џез опера. Филмот е снимен во Прага, а приказната самиот Форман ја опишува како морална бајка за влијанието на корупцијата во светот. Но, филмот оригинално е поместен во шеесеттите и како што вели Форман, тој е и сниман во стилот на шеесеттите. Сето тоа, а особено начинот на кој е Прага претставена во филмот, некако само по себе го наврати разговорот на неговите сеќавања за Прага од детството.

Но, неговото прво доаѓање во Прага, пред да дојде тука на студии, било за да ја види неговата мајка, која се наоѓала во концентрациониот логор во Аушвиц иако не била Еврејка. Необично е дека сите кои во тоа време биле уапсени, а не биле Евреи биле вратени, освен неговата мајка, за што и денес немаат валидно објаснение. Неговата прва посета била во тогашната област на Гестапо, каде што им била дозволена една посета. Форман раскажуваше за таа средба, кога последен пат ја видел мајка му, како тоа да се случило вчера. Неверојатна е болката и сеќавањето на сето тоа иако Форман тогаш имал десет години.

Денеска Форман има 77 години и иако веќе цели 50 години снима, тој и денес е многу активен. Затоа и некако се подразбираше прашањето за следните планови, на што Форман рече дека во последните десет години работел на три филма, кои секогаш биле запирани пред самиот старт на снимањето. „Не знам дали тоа се случуваше поради недостаток на пари или недостаток на интелигенција на продуцентскиот тим. Како и да е, сега не би можел ништо да кажам за мојот следен филм“, рече Форман.

Годинава на фестивалот во Карлови Вари се случи и една историска проекција и тоа во арената која беше специјално отворена за таа прилика. Имено, своја премиера доживеа и првиот чешки филм направен во ексклузивна дигитална 4К верзија. Воената драма „Тобрук“ направена по сценарио, во продукција и режија на Вацлав Марул, која се осврнува на учеството на Чешите и Словаците во борбите во Северна Африка за време на Втората светска војна, е првиот чешки филм кој се придружува кон малата листа на филмови направени во оваа резолуција. За да се проектира „Тобрук“ беше донесен специјален филмски проектор, каков што не е достапен во чешките киносали. А филмовите кои досега се снимени во оваа технологија се: „Ангели и демони“ на Рон Хауард, новиот филм на Роланд Емерих „2012“, трилерот „Салт“ на Филип Нојс со Анџелина Џоли и „Трошка утеха“, последниот Џемс Бонд.

И на крајот уште да кажеме дека и покрај дождот фестивалот во Карлови Вари го има истиот шарм и атмосфера. Салите се преполни, младите се дојдени од цела Чешка и од околните земји и со часови седат пред киносалите за да можат да влезат. Овој фестивал успева да понуди такви с��држини и филмови, успева да направи избор и да поддржи многу млади автори, успева на целиот фестивал да му даде динамика и што е најважно, да ги привлече младите. Од овде погледот на светот е сосем поинаков, дефинитивно, многу оптимистичен.


Статијата е прочитана 163 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
Премиера на „Осамениот запад“ во Битолски театар
Концерт на гудачкиот квартет „Марија“ на „Скопско лето“
„Сонце“ на Ана Ивановска на плоштадот „Македонија“
Изложба на цртежи од Тони Шулајковски во Врање
Култниот Харис Пашовиќ на „Охридско лето“ доаѓа со две претстави
Јавна вечера по повод „Тајната вечера“ на Станковски
Нова премиера на Мал драмски театар од Битола
Фуере на проба на претставата „Крпен живот“ во Мариово