Реина доби конкуренција
Повремениот репрезентативен чувар на мрежата на Австралија, Бред Џонс, си замина од Мидлсборо и му се придружи на Ливерпул. Австралиецот успешно ги мина лекарските прегледи по што потпиша тригодишен договор со „црвените“. За неговите услуги тимот од „Енфилд Роуд“ ќе плати 2,3 милиони фунти на сметката на Мидлсборо.
Така менаџерот Рој Хоџсон му обезбеди конкуренција на Пепе Реина за уште подобра работа. По киксот во првото коло во Премиер-лигата, Шпанецот ќе мора да докаже дека тоа беше еден несреќен случај и дека навистина спаѓа во редот на најдобрите светските голмани во моментот.
Џонс отпатува на СП 2010 во Јужна Африка со статус на втор голман, но поради здравствени проблеми во семејството беше принуден да ги напушти „кенгурите“ и да се врати во татковината.
Во Мидлсборо пристигна во 2001 година, меѓутоа пет сезони мина на зајмувања во разни клубови. Беше меѓу стативите на Мидлсборо во полуфиналето во купот на УЕФА во 2006 година. |