Петмина од Интер во трка за фудбалер на годината
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) објави список со имиња што конкурираат за наградата за играч на годината во европските купови. Номинирани се 12 фудбалери, а победникот ќе биде објавен на 26 август при ждрепката за групите во Лигата на шампиони (ЛШ) во Монако. Притоа УЕФА ќе подели уште четири признанија - за најдобар голман, дефанзивец, играч за врска и напаѓач.
Списокот на играчи е изготвен по гласањето на тренерите на 16 клуба кои лани играа во осминафиналето во ЛШ. Најмногу фудбалери има од актуелниот европски шампион Интер, дури петмина, меѓу кои не е нашиот Горан Пандев. Четири претставници има од Барселона и по еден од Баерн Минхен, Олимпик Лион и Манчестер Јунајтед.
Наградата лани заврши кај аргентинскиот напаѓач во Барселона, Лионел Меси, пред него добитници беа Кристијано Роналдо, Кака, Роналдињо, Стивен Џерард, Деко....
Номинации за наградата за играч на годината во европските купови во сезоната 2009/2010
Голмани: Жулио Сезар (Интер), Уго Лорис (Олимпик Лион), Виктор Валдез (Барселона)
Одбрана: Лусио (Интер), Маикон (Интер), Жерар Пике (Барселона)
Среден ред: Чави Ернандез (Барселона), Арјен Робен (Баерн Минхен), Весли Снајдер (Интер)
Напад: Лионел Меси (Барселона), Диего Милито (Интер), Вејн Руни (Манчестер Јунајтед) |