Рајевац останува селектор на Гана за 50.000 евра месечно
Фудбалската асоцијација на Гана постигна договор со селекторот Милован Рајевац за продолжување на соработката, тврди локалниот дневен весник „Дејли Гајд“.
Српскиот стручњак, кој се споменуваше како наследник на Радомир Антиќ на клупата на репрезентацијата на Србија, сепак, останува да ги води „црните звезди��� и во наредните четири години. Еден од условите што притоа ги доби е пласман во финалето на Купот на африкански нации во изданијата во 2012 и во 2013 година.
Популарниот Мило и неговиот тим пред себе имаат и дополнителна тешка задача, да се пласираат во полуфиналето на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Тоа веројатно ќе биде решавачко за преговори за уште еден, трет, мандат.
Официјалниот параф на договорот се очекува оваа недела што веднаш ќе му донесе заработувачка од 230.000 евра на Рајевац и во наредните четири години ќе добива плата нешто поголема од 50.000 евра месечно. Весникот наведува дека агентот на Рајевац, во преговорите, барал месечна плата од 85.000 евра, но двете страни подоцна, сепак, најдоа компромис. |