Свет меѓу корици
Дневник на интелектуалецот во егзил
Невена Поповска
Со прозата на Семездин Мехмединовиќ , поет, есеист и новинар кој веќе петнаесет години живее во САД имавме прилика да се запознаеме далечната 1995 година, кога беше објавена неговата книга „Сараево блуз“. Фрагментарната книга, која се читаше како ископиран примерок од бележникот во кој што авторот во текот на воените настани запишувал белешки и песни, беше и една од најлуцидните и најмалку претенциозните книги кои се резултат на сараевскиот пекол. Талентот во кратка форма да ја вообличи атмосферата и да ги предочи острите скици на коментарот, емоциите и сликата од „постмодерната апокалипса“, сиот тој блуз, без намера да се устоличи себе си како голем и сезнаен раскажувач и хроничар, беа главните предности на оваа исклучителна книга.
Слично чувство се повторува и денеска при читањето на неговиот најнов роман „Руски компјутер“, книга што, како што вели самиот, „се родила случајно“, со пронаоѓањето на технолошките можности текстовите од книгата што еднаш биле снимени на флопи („floppy“) да се преснимат денеска во „читлива“ форма. На тие стари дискети биле запишани скиците од „ненамерниот дневник на селењето“ на релација Сараево – Прага – Загреб – Феникс – Њујорк – Феникс -– Вашингтон. Откако авторот повторно ги прочитал се препознал себе си како странец во сопствениот живот, токму онака како што понекогаш се препознаваме себе си на старите фотографии и одлучил да ги објави, за како што вели, „ еден читател“-себе си. Романот „Руски компјутер“, сепак, ја надминува оваа скромна идеја на авторот бидејќи, сепак, станува збор за одлична книга, своевидно продолжение на „Сараевски блуз“, напишана според истиот метод и со сличен ефект на читателите. Без многу дообјаснување текстот, Мехмединовиќ испишува фрагменти од заминувањето од Сараево од моментот кога опсадата на градот трае веќе три години и кога во него почнува да се чувствува како странец, до моментот кога за него и неговото семејство селењето станува „единствен ритуал“ на секојдневието.
Пишувајќи со стил кој одговара на „приватни“ дневнички скици во кои не е потребно да се објаснува контекстот, а пријателите, дури и кога се работи за познати лица од книжевниот живот, можно е да се нарекуваат едноставно со личните имиња или прекарите, Мехмединовиќ од самиот почеток го „купува“ читателот кој со него ќе ги дели емоциите, ќе ги проширува скусените описи и ќе ужива во поетскиот јазик кому сиот тој ненаметлив, но присутен контекст воопшто нема да му наштети.
„Руски компјутер“ е создаден во време кога „веќе го погребаа Карим“ (Заимовиќ, трагично починат млад сараевски книжевник) и кога одлуката за заминување е веќе донесена бидејќи „заморот од војната“ станува преголем. Набиените записи за попатните станици до конечното американско пристаниште се преполни со кондензирани скици за градовите и луѓето со кои се среќавал, сомнежите и превирањата кои ги чувствувал и своевидното анализирање на самиот себе си на тој пат во неизвесна насока. Загрепската станица, на пример, донесуваа интересни опсервации за краткотрајниот престој во кој се појавуваат и познати личности. Скептичен кон сопственото пишување, а уште повеќе кон она што би се нарекувало кариера, дури и подготвен да се „откаже од пишувањето“, Мехмединовиќ во оваа проза мошне досетливо ги испишува фрагментите на сопствените превирања и емоции во текот на заминувањето, но и оние кои во помала мера но сепак ја детектираат средината во која се движи и во која треба да функционира.
Без намера да напише дневник за егзилот, авторот всушност сјајно ја вообличува повремената дезориентираност и ги компарира двата континенти во потрага по градот кој ќе го препознае како свој. „Мојот проблем не е тоа што си заминав, туку што тешко го поднесувам светот во кој дојдов“, ќе рече авторот. И токму тоа е точката околу која се вртат фрагментите во книгата која ќе ве вовлече во тој микросвет, дури и ако спаѓате во оние кои со недоверба одмавнуваат со рака кога ќе слушнат дека станува збор за уште една книга за војната. „Руски компјутер“ секако не е уште една книга, а војната е само темелот на кој се надградува текстот за уште еден интелектуалец во егзил и вообличувањето на самиот себе си во времињата кои се во состојба да ги срушат сите видови. На крајот единствено ни преостанува да му се заблагодариме на оној што ги сочувал старите дискети!
|