|
|
|
|
|
|
Грција
Пеколни протести на улиците во Атина
Од нашиот известувач Миркица Поповиќ
Атина - Пустош на улиците, искршени стакла и излози, руинирани мермерни скали, солзавец во воздухот. Центарот на Атина денес, првиот ден од 48-часовниот штрајк на граѓаните и синдикатите против новите владини мерки наликув на сцена од лош сон. Со часови имаше судири меѓу полицијата и групи млади маскирани луѓе кои не престануваа да напаѓаат со камења, празни шишиња, мермер искршен од скалите околу плоштадот Синтагма, молотови коктели и речиси се што ќе им се најдеше при рака. Пресметките престанаа па повторно ескалираа. Полицијата повеќе од било кога одговори со силна употреба на солзавец и шок бомби. Граѓаните коментираа дека до сега не доживеале толкав процент на солзавец на ниту еден протест.
„Престанете со солзавецот, се однесувате како да се обидувате да разбркате бубашваби. Ние сме луѓе", апелираа постојано граѓаните до полицијата. Од анархијата настанаа огромни штети на продавниците и рестораните околу Синтагма, беше запалено комбе на една телекомуникациска компанија кое почна неконтрлирано да се движи и удри во една од трафиките, повредени се 21 граѓани и полицајци, а приведени 17 од кои 5 уапсени, а голем број граѓани се жалеа на респираторни проблеми. Како што информираа полициските служби, денес на улиците на Атина беа распоредени околу 5000 припадници на полициските сили и специјалните единици.
Граѓаните кои веќе 35 дена штрајкуваат мирно беа шокирани, но и добро подготвени за денешните инциденти. Низ центарот се движеа групи граѓани кои им помагаа на оние со проблеми од солзавецот, а штом малку се смирија работите се организираа во огромни групи и со шишиња вода го чистеа и плоштадот и улицата пред грчкиот парламент кои беа потонати во сива боја од солзавецот и бомбите.
Бројноста на граѓаните, и оние кои дојдоа на граѓанскиот собир, и оние од синдикатите беше изненадувачки помал од очекуваното се до вечерните часови кога повторно се собраа во поголеми број за мирниот протест. Дали намалената бројност е тоа поради разочараност на граѓаните од инцидентите или од односот на владата останува да се види. Она што е сигурно е дека ваквите слики на хаос и пекол во Атина може да влијаат негативно на престојната туристичка сезона. Голем број од туристите денес се најдоа затекнати, или во неможност да излезат од хотелите, или пак во средина меѓу пресметките на хулиганите со полицијата. Огромен беше и бројот на странски новинари од целиот свет кои ги пренесуваа директно случувањата во центарот на Атина. Протестите продолжуваат и вечерва, а најнеизвесно е што ќе се случува утре и колку би можеле да се влошат работите бидејќи вечерта ќе се гласа за новиот пакет мерки што ги предлага владата, а кои се услов за ЕУ, ЕЦБ и ММФ да ја исплатат петтата рата од кредиот за Грција.
|
#
|
Статијата е прочитана 972 пати.
|
|
|
|
|
|
|
|