Нови имиња во новата влада
Распределбата на ресорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е завршена работа. Останува да се прецизираат уште кадровските решенија
Светлана Унковска
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска напладне ќе му го додели мандатот за состав на новата Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Со ова се потврдија информациите дека Иванов нема да го чека крајниот рок од десет дена по конституирањето на парламентот, туку дека Груевски ќе го добие мандатот во почетокот од неделава. Оттогаш, формално, почнуваат преговорите меѓу коалициските партнери за поделба на ресорите во владата, иако е веќе познато дека веќе има договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Груевски, според Уставот, има дваесет дена да го состави идниот владин кабинет и да ја достави до парламентот програмата на новата влада. Потоа Собранието во рок од 15 дена ќе се собере на седница за гласање на новата Влада, но најверојатно нема да се чекаат крајните рокови во почетокот на август, туку идната влада ќе се изгласа порано. Иванов, прв пат откако е избран на претседателската функција, ќе го даде мандатот за состав на влада. Во 2006 и во 2008 мандатот на Груевски му го доверуваше тогашниот шеф на државата, Бранко Црвенковски.
Абдулаким Адеми од ДУИ вчера истакна дека тие се задоволни од она што го добија како дел од владиниот колач по договорот што го постигнаа со старо-новите партнери од ВМРО-ДПМНЕ. „Интегративците“ се задоволни што ќе раководат со пет министерства и што прв пат ќе добијат две вицепремиерски места. Како што истакнува Адеми, тука се и неколку влијателни функции, кои досега ниту еднаш не ги добил албанскиот партнер. Освен тоа, партијата на Али Ахмети во вториот ешалон добива четири заменички места и ќе има петмина државни секретари.
„Секако дека сме задоволни, бидејќи прв пат Албанците ќе имаат двајца вицепремиери и прв пат ќе раководат со Министерството за одбрана, кое е едно од трите највлијателни и најбитни министерства. Пред јавноста треба да се објасни дека ние ниту изгубивме ниту добивме. Ние сме партнери во коалицијата и ДУИ доби ресори во кои сметаме дека полесно и побрзо може да ги реализираме приоритетите зацртани во нашата програма што им ги ветивме на граѓаните. Тоа се внатрешната интеграција на Албанците во општеството и интеграција на земјата во ЕУ и во НАТО“, изјави за „Утрински весник“ Адеми.
Според него, најважно е сега да се утврди заедничката владина програма.
„Нашата главна цел беше да ја усогласиме програмата на Владата и таа да биде составена од програмите на двете политички партии, значи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека програмата на Владата ќе биде усогласена и ќе ги рефлектира двете програми и дека ќе биде заедничка. Ние за тоа разговараме и се надевам ќе се усогласиме за сите отворени прашања. За нас е битно да влеземе со нови позиции, од кои ние како партија ќе преземеме одговорност, а не само да бараме да бидеме дел од Владата. Токму затоа се определивме за нови позиции во владината коалиција, пред се', за ресори што имаат одговорност во интеграцијата во НАТО и во ЕУ“, изјави Адеми. Тој не сакаше да прецизира дали на преговарачката маса ги ставиле и затворањето на хашките случаи и решавањето на статусот на поранешните борци на ОНА. Според него, сите отворени прашања треба да бидат решени и во преговорите воопшто немало место за уцени.
Тој ги потврди информациите за министерствата што ги добиле, но за имињата што деновиве се вртеа дека ќе бидат поставени да раководат со тие ресори, рече дека се само шпекулација и дека Централното претседателство се' уште не одлучило кој со кое министерство ќе раководи. Како можни решенија и натаму остануваат Хазби Лика или Рафис Алити за министерската позиција во одбраната, за правда се спомнува Аднан Јашари, за економија останува Фатмир Бесими, а неизвесно е кој ќе биде поставен во екологија и во локална самоуправа. Адеми е можно да ја задржи функцијата вицепремиер задолжен за Рамковниот договор, а како можна комбинација се споменува и Муса Џафери. За вицепремиер за евроинтеграциите се спомнува Ермира Мехмети-Деваја. ДУИ, сепак, го изгуби Министерството за здравство, кое сега ќе го раководи ВМРО-ДПМНЕ за каде што се спомнува името на кардиохирургот Сашко Кедев. За Министерството за транспорт и врски се во оптек Зоран Коњановски, а за труд и социјала Спиро Ристовски. Дилемите за првото место во полицијата се' уште се дали досегашната министерка Гордана Јанкулоска ќе остане на оваа позиција, но се' погласни се шпекулациите дека со него ќе раководи поранешниот директор на Јавната безбедност, Љупчо Тодоровски. Вчера министерката за внатрешни Јанкулоска одби да каже дали ќе остане на функцијата или ќе ротира во Министерството за информатичко општество, туку само рече дека треба да се има трпение за одлуките на идниот мандатар. |