Сензационалниот Аршавин и дружината во дополнителните 30 минути ги одвеаја „лалињата“ со 3:1
Селекцијата на Русија е полуфиналист на европското првенство 2008. Во судирот на екипите кои презентираат и негуваат „тотален фудбал“ Русите комплетно го надиграа силниот состав на Холандија. „Зборнаја команда“ имаше резултатска предност од 56. минута до која стигна со голот на Павличенко, меѓутоа на „минута до дванаесет“, изедначи Ван Нистелрој. Сепак, пулените на селекторот Гус Хидинк до сосема заслужената победа од (3:1) стигнаа со погодоците на Торбински и Аршавин постигнати во второто продолжение на мечот.
Сите луди по Аршавин
„Репрезентацијата на Холандија загуби, меѓутоа, сепак, победи најдобриот Холанѓанец ... Ние на теренот дадовме се' од себе ... многу сум возбуден и во една ваква прилика ми недостигаат зборови да го покажам чувството кое што ме обзема во овие моменти“, изјави најдобриот фудбалер на четврт-финалната средба Русија - Холандија, и стрелец на третиот гол за Русија, Андреј Аршавин.
Овој извонреден фудбалер, уште за време на Купот на УЕФА во дресот на неговиот тим Зенит, ги потврди извонредните играчки квалитети. Блесна и на мечот против селекцијата на Шведска, по што пред неговото име сосема со право се стави епитетот, „најпосакуван играч - ѕвезда на летниот преоден рок“.
Англичаните при се „запалија“. Тие веднаш „полудеа“ по напаѓачот на Зенит и руската репрезентација па така во редот застанаа Манчестер Сити, Њукасл и Евертон, а според последните најави во трката ќе се вклучи и Арсенал по заминувањето на Адебајор во редовите на шпанската Барселона.
Сепак, според последните шпекулации изгледа дека до рускиот напаѓач некако од страна, најбрзо ќе стигне италијанскиот Милан. На Аршавин фрли око тренерот на оваа екипа Карло Анчелоти, а кога е тоа така, едноставно речено поканата на популарните „росонери“, лесно не се одбива. Целата оваа приказна има уште еден момент кој јасно говори дека последните шпекулации не се само празни зборови.
Имено, Дик Адвокат, тренерот на рускиот Зенит пред два дена потврди дека во разговор со неговиот фудбалер дознал дека Аршавин сериозно размислува да замине во фудбалска печалба.
Шесто европолуфинале за ��усија, прво за Хидинк
За репрезентацијата на Русија ова ќе биде шесто полуфинале. Последното го одигра уште далечната 1988 година, кога на ЕП учествуваше како СССР. На тренерот Гус Хидинк тренерскиот ангажман во Русија му донесе прво европско полуфинале, за разлика од Светските првенства каде играше веќе два пати. Во 1998 година ја одведе Холандија до четвртото место, додека четири години подоцна тоа му успеа со Јужна Кореја.
Ван Нистелрој трет стрелец на Европските првенства
Руд ван Нистелрој постигна шест голови на европските првенства, што го става на третото место на вечната листа на стрелците на Евро. Подобри од него се само Англичанецот Алан Ширер со седум и Мишел Платини со девет.
Од пред два дена нови руски херои се Павличенко и Аршавин, меѓутоа главниот клуч на успехот на овој состав лежи во феноменалниот тактичар на тренерската клупа, Холанѓанецот Гус Хидинк. Овој искусен и мудар тренер токму на ЕП во Швајцарија и Австрија потврди дека успесите со тимовите на Холандија, Австралија и Јужна Кореја воопшто не му беа случајни.
„Генерално, мислам дека е најтешко да успеете да им парирате на тактички план на Холанѓаните. Тие се технички, тактички и физички многу добро подготвени, а ние успеавме да бидеме супериорни во сите елементи на фудбалската игра. Мислам дека го направивме најголемото чудо на ова првенство“, изјави селекторот на Русија, Гус Хидинк веднаш по пласманот на оваа репрезентација во големото полуфинале.
Русите во дуелот со селекцијата на Холандија според мислењето на многумина влегоа како тотални аутсајдери. Холанѓаните во групниот дел на првенството оставија силен впечаток, доминираа и лесно стигнуваа до победите, за сметка на Русите кои се пласираа во четврт-финалето по тешкиот и убедлив пораз од Шпанија (4:1).
Сепак, по поразот и противничкиот селектор, успеа да собере сила и да го признае заслужениот пораз на „лалињата“. „Наједноставно речено Русите играа навистина многу добро... беа подобри од нас, и за наша жал, се пласираа меѓу најдобрите четири репрезентации на Стариот континент“, изјави селекторот на холанѓаните Ван Бастен, со чија изјава се согласи и еден од најдобрите фудбалери од линијата за врска на овој тим, Рафаел ван дер Варт.
„Беа подготвени многу добро, а ние одигравме навистина под нашите објективни можности. Русите знаеја што сакаат, а ние никако не можевме да си ја пронајдеме играта со која едноставно речено се прошетавме во мечевите по групите“, заклучи фудбалерот на германскиот Хамбургер.
Реакции
Странските медиуми се полни со пофалби за играта на Русија во четврт-финалето против Русија. Така шпанската „Марка“ со наслов: „Руска револуција на ЕВРО, пишува дека на стадионот „Свети Јакоб“ во Базел е видено најдоброто издание на еден тим на последните четири-пет Европски првенства. Очекувањата беа големи затоа што и Русите и Холанѓаните играат убаво, а целта им е нападот. Холанѓаните потфрлија на тој план, а Русите беа спектакуларни. Шпанците ќе треба да бидат многу внимателни ако го минат четврт-финалето, првиот натпревар во групата не значи ништо затоа што не играше царот Аршавин. Според „Ас“, Аршавин е сензационален руски играч кој во својата кариера секогаш доцнел. Дури во 27. година го запозна Европа, а поради суспензија не ги одигра првите два натпревара во групата. Партијата против Холандија ја споредуваат со оние најдобрите на Марадона.
Холандскиот „Де Телеграф“ пишуваат дека Гус Хидинг потврди дека е најдобриот тренер во Светот. Изгубивме уверливо, иако Ван дер Сар правеше чуда на голот. Холандија шутираше дури 28 пати на гол, а Русите исто толку пaти се прошетаа во нашиот шеснаесетник и правеа хаос“. „Ачгемен Дагблад“ Хидинг го нарекува среќко кој Холанѓаните ги врати дома и сега целиот свет е под негови нозе. Тој е човек кој создава играчи и тимови, а пласманот на Русија во полуфиналето за него е фантастичен резултат. Руските играчи беа доминантни во секој поглед, а Андреј Аршавин е најдобар играч во Европа“. „НРЦ Ханделсблад“ вели дека Русите го уништиле сонот на Холандија. „Не нападнаа од самиот почеток, ни ја убиваа самодовербата и да не беше Ван дер Сар ќе страдавме уште полошо“.
„Хет Парол“: „ЕВРО е прошлост за Холандија. Младата, полетна и сензационална Русија на чело со царот Хидинг ја одигра убавицата на првенството. Победи подобриот тим“. (С.Р.)
Четири гилеми земји: Русија, Германија, Турција и Шпанија влегоа во полуфинале. Помалите земји како Холандија, Португалија и Хрватска, иако имаат одлични репрезентации и прикажуваат врвен фудбал, не успеаја! Дали и големината на земјата станува битен фактор во борбите за шампионски титули?