Маса прв во Франција и севкупно
Раиконен втор во еден-два победата на Ферари во Мањикур
Фелипе Маса го одведе Ферари до еден-два триумф во трката за Големата награда на Франција и првпат го презеде водството во вкупниот поредок во Формула 1. Третата победа сезонава и осма во кариерата го промовира 27-годишниот жител на Сао Паоло во прв Бразилец лидер во генералниот пласман по трикратниот светски шампион Аиртон Сена во 1993 година.
Тимскиот колега на Маса и бранител на титулата Кими Раиконен, кој победи во Мањикур минатата година, тргна од пол-позицијата, но беше престигнат од подоцнежниот победник на половина од трката кога неговото „ферари“ забави поради претпоставено префорсирање на болидот. Маса помина низ целта 17,9 секунди пред Финецот, а третото место го освои Италијанецот Јарно Трули, кој на Тојота и' го донесе првиот пласман на подиумот по ГН на Австралија во април 2006 година. Трули успеа да го одбие нападот од Хеики Ковалаинен од Мекларен во возбудливиот финиш, кога во претпоследниот круг се допреа со тркалата, по што Финецот мораше да отстапи и да продолжи преку тревникот.
Полјакот Роберт Кубица од БМВ Заубер, севкупен лидер до оваа трка по победата-првенец во Канада, заврши на петтото место, а зад него финишира Австралиецот Марк Вебер од Ред бул.
Причини за славење во Мањикур имаше уште еден Бразилец, дебитантот Нелсон Пике јуниор, кој со седмото место ги освои своите први поени во кариерата и тоа престигнувајќи го при крајот на трката својот тимски колега од Рено и двократен светски првак Фернандо Алонсо. Шпанецот се задоволи со еден поен, кој го направи шести возач во Ф1-историјата со освоени 500 или повеќе поени.
Луис Хамилтон од Мекларен го освои разочарувачкото десетто место по стартот од 13. позиција поради казната од десет места поради судирот со Раиконен во пит-стопот во Канада.
Џенсон Батон од Хонда беше единствениот возач што не ја заврши трката.
ПЛАСМАН НА ГН НА ФРАНЦИЈА
1. Фелипе Маса (Бразил) Ферари 1:31:50,245 ч.
2. Кими Раиконен (Финска) Ферари +17,984 сек.
3. Јарно Трули (Италија) Тојота +28,250 сек.
4. Хеики Ковалаинен (Финска) Мекларен +28,929 сек.
5. Роберт Кубица (Полска) БМВ Заубер +30,512 сек.
6. Марк Вебер (Австралија) Ред бул +40,304 сек.
7. Нелсон Пике (Бразил) Рено +41,033 сек.
8. Фернандо Алонсо (Шпанија) Рено +43,372 сек.
Пласман на останатите: 9. Култхард, 10. Хамилтон, 11. Глок, 12. Фетел, 13. Хајдфелд, 14. Барикело, 15. Накаџима, 16. ��озберг, 17. Бурде, 18. Физикела и 19. Сутил. Се откажа: Батон.
Вкупен поредок, возачи: Маса 48, Кубица 46, Раиконен 43, Хамилтон 38, Хајдфелд 28, Ковалаинен 20, Вебер 18, Трули 18, Алонсо 10, Розберг 8, Накаџима 7, Култхард 6, Глок 5, Фетел 5, Барикело 5, Батон 3, Пике 2 и Бурде 2. Конструктори: Ферари 91, БМВ Заубер 74, Мекларен 58, Ред бул 24, Тојота 24, Вилијамс 15, Рено 12, Хонда 8 и Торо росо 7. |