„Лекип“- Турција е бесмртна
Турција стигна до полуфиналето со само девет минути водство во одиграните 414 минути на ЕП!
Сите светски медиуми неколку дена пишуваат за чудото кое го изведе Турција во четвртфиналето против Хрватска, поточно голот во последната секунда од продолженијата, само минута по оној на Класниќ и победата на пенали. Се истакнува неверојатниот податок дека Турција стигна до полуфиналето со само девет минути водство во одиграните 414 минути на ЕП.
Францускиот „Лекип“ пишува дека „Турција е бесмртна“, наведувајќи дека „Турција остана верна на легендата, која вели дека е екипа која никогаш не умира“. „По двочасовна борба во 119 минута попуштија за во последната секунда да израмнат, а потоа ја видоа катастрофата на својот противник во пенал серијата“.
Британски „Тајмс“ напиша дека секој кој би се обидел на логичен начин да го објасни пласманот на Турција ќе остане поразен, токму како Хрватска, Швајцарија и Чешка, кои загубија на неверојатен начин.
Италијанската „Газета дело Спорт“ вели „Неверојатно“. „Во 119 минута се чинеше дека се елиминирани, но само 10 минути подоцна беа херои. Хрватите ќе мораат 10 пати да изговорат „мојот грев“ откако доминираа во поголемиот дел од натпреварот, па и водеа на минута пред крајот, по што се чинеше дека правдата ќе биде задоволена. Тогаш Сентурк погоди за израмнување додека Билиќ планираше да ја направи последната замена“.
„Билд“ зборува за една од најдрамитичните завршници во историјата: „Хрватска испадна од ЕП на срцепарателен начин по една од најдраматичните завршници во историјата на европските првенства. За победата одлучуваа пеналите, но дури по двата гола во последните минути од продолженијата“.
Би-Би-Си, пак, го споменува Билиќ: „Хрватскиот селектор, само неколку секунди порано мислеше дека тоа ќе биде славна победа, но по израмнувањето не можеше да ги подигне своите издишани фудбалери, кои изгледаа како поразен тим уште пред да се изведуваат пеналите“. |