Турција против Германија без Нихат и со само 14 играчи
Капитенот на Турција Нихат Кавечи поради повреда заработена на мечот со Хрватска во четвртфиналето мора да паузира најмалку шест недели, што значи дека за него ЕП е завршено.
Турскиот весник „Милиет“ пишува дека Нихат не може да ја санира бргу повредата на десната нога и дека ќе се надоврзе на долгата листа на играчи кои нема да играат во полуфиналето в среда против Германија, што поради повреда, што поради жолти картони. Имено, Тунчај, Арде и Емре Асик добија втори жолти картони, а исто така неизвесен е и настапот на повредените Емре Белозоглу, Сервет, Емре Гунгор, Тумер и Ајхан, додека првиот голман Волкан поради црвениот картон сигурно нема да брани.
Како што стојат сега работите селекторот Фатих Терим на располагање има само 14 играчи и според парвилата на УЕФА не смее да повика нови. „Ја разбираме ситуацијата на Турција, но репрезентациите имаат право да повикаат нови играчи до првите натпревари. Немаме намера сега среде турнирот да ги менуваме правилата“, изјави портпаролот на УЕФА, Вилијам Галард. |