Ништо од контролниот меч со Украина, се чекаат Словачка и Швајцарија
Сосема неочекувано, пред почетокот на викендот, на официјалниот веб-сајт на украинската фудбалска федерација се појави веста дека во августовскиот слободен термин на УЕФА, во Киев, силите ќе ги одмерат селекциите на Украина и Полска. Оваа информација веќе следниот ден доби и официјална потврда, а тоа значи дека од сосема необјаснети причини падна во вода можноста фудбалската репрезентација на Македонија во овој термин против Шевченко и другарите во Киев да ја одигра својата генерална проба пред есенскиот старт на новиот квалификациски циклус.
Раководството на ФФМ реагираше веднаш и упати покани за истиот термин до канцелариите на осум европски селекции, кои за овој термин се' уште немаат договорен спаринг-партнер. За жал, први се јавија Турците, чија канцеларија веднаш ја отфрли оваа можност, од причина што нивниот тим веќе се наоѓа пред договор за пополнување на терминот. Главни адути на челниците на ФФМ останаа селекциите на Швајцарија и Словачка, чиј одговор на нашата упатена покана се очекува во следните неколку дена.
Во игра се и тимовите на Кипар и Ерменија, меѓутоа тие не се многу атрактивни и не му прават баш многу мерак на нашиот селектор кој контролката во август ја замислува како генерална проба за пеколното септемвриско ново продолжение на квалификациите. (Е.К.) |