Скандал
Пукна резил! Пукна Ејми Вајнхаус на Калемегдан!
Ејми Вајнхаус ја „поздрави Атина“ на почетокот од концертот, а потоа и „публиката во Њујорк“
Контроверзната пејачка Ејми Вајнхаус ја започна европската турнеја завчера со скандал во Белград, појавувајќи се пијана на сцената. Веднаш по излегувањето на бината, со задоцнување од половина час, во видно лоша состојба, Вајнхаус најпрво седна, а потоа и падна. Во почетокот публиката беше збунета, но потоа сфати дека пејачката, која е позната по своите проблеми со алкохолот и со дрогата, не се чувствува добро.
Вајнхаус зборуваше неразбирливо, се обидуваше да пее, но веќе со првата нумера „Just Friends“ стана јасно дека не е во состојба да го одржи концертот. Одличниот бенд се обидуваше да ја извади ситуацијата, упорно свиреше, трудејќи се да ја одржат атмосферата и да ја смират бесната публика, а вокалот Томсон во неколку наврати беше принуден да ја фати Вајнхаус за да не падне на земја.
Посетителите на тврдината Калемегдан, според податоците на организаторите околу 20.000, беа револтирани од ��днесувањето на британската пејачка, а покрај исвиркувањето и викањето „уа“, на нејзина сметка беа испорачани и навредливи зборови.
И покрај острото негодување на публиката и смеата што Ејми ја предизвикуваше со своето тетеравење и мрморење на сцената, нејзиниот менаџмент одлучи да не ја отстрани од бината, па агонијата продолжи да трае цел час.
По извесно време дел од публиката почна да бара на сцената да излезе американскиот музичар Моби, дел ги жалеа музичарите што свиреа и понатаму обидувајќи се да ја задржат Ејми на нозе, а другите го напуштија концертот.
Организаторите од „Авалон продукција“, затечени од ситуацијата, не беа во можност да дадат изјави за претставниците на медиумите. Имено, и покрај стравувањата дека Ејми нема да биде способна да ја почне турнејата, нејзиниот менаџмент ги уверил дека е подготвена и оти нема да има никакви проблеми. Публиката на Калемегдан дури се распрашуваше и дали ќе им бидат вратени парите за влезниците, а, според се', нема да се случи. Останува да видиме што ќе биде со концертите на Ејми закажани за Истанбул (вечерва), Атина - 22 јуни... (Вечерње новости) |