Џон Малкович со модно шоу во Карлови Вари
На фестивалот се враќаат и Џон Туртуро и Монте Хелман, па, сепак, акцентот е на многубројните нови европски филмски автори
Сунчица Уневска
Годинава на 46. Фестивал во Карлови Вари, кој ќе се одржи од 1 до 9 јули, ќе пристигнат голем број ѕвезди. Покрај веќе најавената Џуди Денч, по само две години повторно доаѓа Џон Малкович, а специјален гостин ќе биде и американскиот актер Џон Туртуро. Па, сепак, иако секоја година носи големи светски имиња, Карлови Вари никогаш не претендирал да биде нешто друго или да се натпреварува со големите фестивали, како Кан или Венеција, чиј заштитен знак се ѕвездите. Овој прекрасен чешки град и неговиот 46-годишен фестивал и понатаму остануваат препознатливи по енергијата, по мноштвото млади луѓе кои го окупираат за време на одржувањето, по една неверојатна атмосфера, по луцидноста и откаченоста во неговата организација, а пред се, по приказните.
Карлови Вари е фестивал кој носи околу 200 филма, годинава точно 179, но неговата главна одлика се приказните. Не режисерите, кои се главно млади и немаат големи биографии зад себе, па честопати тука и се откриваат, не бројните настани и средби кои привлекуваат многу публика, не, сепак, главното откритие на овој фестивал секоја година се, всушност, приказните. Оние во киносалите, но и надвор од него, тие го прават овој фестивал посебен.
Така е и оваа година. Навистина, отворањето и затворањето ќе бидат атракција. Фестивалот на 1 јули ќе го отвори самата Џуди Денч со својот нов филм „Џејн Ејр“, уште една адаптација на бесмртниот роман за љубовта на Шарлота Бронте. Режисер е Кери Фукунага, кој се смета за голем талент на современиот филм, иако ова му е трет филм. Покрај Денч, во него игра и прекрасната Миа Васиковска („Вознемирен“ на Гас ван Сент) и Мајкл Фасбиндер. Додека за затворањето, Карлови Вари се одлучи за романтичната комедија на Вуди Ален, „Полноќ во Париз“, кој ако ништо друго, секако, ќе донесе добро расположение.
Но, она што веќе од сега можеме да го прогласиме како одлика на годинешниот фестивал се темите на филмовите што се во главна конкуренција и една возбудлива палета на стории што го отсликуваат современото живеење во сите европски земји. Бидејќи, Карлови Вари иако има филмови и од другите страни на светот, тој пред се е европски фестивал. Па, така, на него ќе видиме огромен приказ на сите тенденции и стилови на новиот европски филм.
Во главна конкуренција се 12 филма што се борат за „Кристален глобус“. Од нив десет се од Европа, а два од Канада. Интересно е дека иако има три дебија, сепак, и другите филмови најчесто се втори или трети филмови на режисерите. Само три филма се на ветерани, словачкиот „Ром“ на Мартин Шулик, кој е многу наградуван, па дури и во Карлови Вари каде што во 1995 година доби награда за „Градина“, потоа полскиот Анджеј Барански, кој зад себе има 30 филма, но „Наследство“ се најавува како едно од најоригиналните полски остварувања последниве години и Шпанецот Монтксо Армендариз, со награди во Берлин, со номинација за „Оскар“, а сега доаѓа со „Немој да се плашиш“ на тема, злоупотреба на деца.
Приказните кои ги споменавме се однесуваат буквално на сите филмови. Еден од најинтересните млади руски автори Игор Волошин со „Бедуин“ прави реалистичен приказ на Русија денес, исто е и со израелскиот „Реставрација“, кој одлично ги портретира карактерите со современото општество во својата земја, па германскиот на Зиска Риман која во „Лолипоп чудовиште“ зборува за семејствата кои не сакаат да се соочат со реалноста, или повеќеслојната данско-хрватска драма „Соба 304„ на Биргит Стермосе, кој зборува за неколку индивидуални судбини, затворени внатре во својот свет. Идентитети, социјални и психолошки драми, предрасуди, обид да се промени сопствениот живот, исправеноста пред животните искушенија. И многу, многу други теми, кои на големите фестивали секогаш се во втор план.
Така е исто и со втората програма по важност „Источно од Запад“, која е особено значајна за нас затоа што меѓу 12-те филма селектиран е и „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски. И тука ситуацијата со темите и со младите автори е иста, со дебија доаѓаат дури пет автори. Блажевски и Актан Абдикаликов од Казахстан се и единствените кои би можеле да ги наречеме ветерани, кои зад себе немаат многу филмови, но имаат искуство и носат силен бекграунд.
Друго што е интересно во врска со оваа програма, е што други години во неа имало повеќе филмови од регионот и од поранешна Југославија, годинава не е така. Покрај Македонија, филмови имаат само Босна и Херцеговина со „Белведере“ на Ахмед Имамовиќ и Хрватска со „На Марија“ на Жељка Сукова. Филм од регионот има уште Бугарија, и тоа деби на Иван Владимиров и Валери Јорданов, кои во „Прикриени“ се обидуваат да бидат глас на својата генерација. И толку.
Инаку, и овде се карактеристични темите, кои говорат за новите генерации, кои си поигруваат со проблемите во своите современи општества, кои се занимаваат со актуелни прашања и главно со интимни и социјални драми. Виктор Гинзбург во „Генерација П“ зборува за пепси-генерацијата и иако ова му е деби, досега има бројни награди за музички видеа и документарци, потоа Мурад Ибрагимбеков од Азербејџан, чиј филм „Немало подобар брат“ е визуелно волшебна семејна и универзална приказна, а тој е познат и по својот „Сребрен лав“ за краток филм во Венеција, додека Чехот Петр Марек доаѓа со „Ништо против ништо“ каде во стилот на „Догме“ зборува за темата посвојување и ксенофобија, па се до грузискиот „Бела сол“ на Кетеван Мачаваријани, чие деби возбудливо ја следи приказната на тројц�� протагонисти кои се обидуваат да побегнат...
Главното жири годинава го предводи особениот унгарски и светски режисер Иштван Сабо. Додека, претседател на жирито за „Источно од Запад“ е бугарската продуцентка Росица Влканова, а во него е и младиот српски режисер Стефан Арсениевиќ.
Многу важни програми на овој фестивал се и Документарната, која е исто натпреварувачка, потоа „Форумот на независни“, но и изборот на десет европски откритија на критичарите на „Варајети“. Она што е ново и интересно е дека Џон Малкович годинава не доаѓа со филм, туку со модно шоу наречено „Технобохемијан“ (Бохемија е стариот назив за Чехословачка, иако зборот значи и боем), а покрај споменатите, во Карлови Вари повторно доаѓа и култниот режисер Монте Хелман. Тој ќе го претстави својот нов филм „Пат за никаде“, кој лани беше во главната програма на Венеција. |