Бензините поевтинуваат денар, дизелот поскапува 1,5 денари
20.06.2011, 13:45
Малопродажната цена на бензините ноќеска на полноќ поевтинува за еден денар, додека на дизелот и екстралесното се зголемува за 1,5 денар. Вака одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика на редовната седница посветена на корекција на цените на нафтените деривати.
Согласно одлуката, новата цена на Еуросупер БС-95 изнесува 73,50 ден/лит, а на Еуросупер БС-98 изнесува 75,00 ден/лит.
Еуродизелот од ноќеска ќе се продава по 66,50 ден/лит, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 57,50 ден/лит.
Истовремено поскапува и мазутот за 1,279 денари по килограм, со што новата сена ќе изнесува 42,443 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатиот период бележат намалување кај бензинот во просек за 2,18 отсто или за 22,425 $/тон, а кај дизелот зголемување во просек за 3,73 отсто или 34,225 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за 4,17 отсто или за 26,325 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
|