24.02.2012, 18:39 Едиторијал
Тонењето на „Охридско лето“
Катерина Богоева
Со колкава леснотија си поигруваме со најзначајните нешта во областа на културата, не' потсетија актуелните оставки на селекторите и директорот на „Охридско лето“, кои за жал, и на почетокот на годинава ја отсликуваат состојбата со нефунционирањето на Фестивалот.
Пред крајот на минатата година, многумина со право беа скептични дека со години наталожуваните проблеми ќе почнат да се решаваат со поставувањето на последниот, веќе поранешен директор Васко Василевски. Не поради неговата младост (иако тој при образложувањето на оставката си ги откри своите 38 години), поради финансиските долгови и силните политички влијанија, туку и поради споменатата леснотија со која државата гледа на начинот на кој Фестивалот треба да се раководи и функционира.
Леснотијата во решавањето на проблемот со раководните луѓе, на в.д. директорите и директорите поставувани на чело на реномираната манифестација му направи мечкина услуга на Фестивалот кој минатата година прослави 50 години постоење. Наместо да се зголемува неговата популарност во светот, кај македонските граѓани, но и кај Охриѓани (последниве поради актуелната финансиска инспекција во Дирекцијата во градот започнаа во јавноста дури да изразуваат сомневање дека некој сака фестивалот да го префрли во Скопје), тој се намалува.
И најновиот скандал, но и претходните брзи промени на трите директори во рок од неполни три години, потврдуваат дека со неверојатна леснотија надлежните институции му пристапуваат на „Охридско лето“. Поради разно - разни партиски интереси кои се менуваа со менувањето и на политичките гарнитури, секогаш под прашалник се ставаше и се става неговото тешко изградено реноме.
Минатата година фестивалската програма беше готова во мај, а објавена во јуни. Што ќе се случи годинава, кога идната недела е веќе март, ќе започне пролет, а потврдените уметнички имиња (ако тоа претходно и не го направиле), веќе ќе ги усогласуваат своите ангажмани за настапите на летните фестивали ширум светот.
Дали и колку од врвните уметнички имиња ќе бидат пропуштени, иако можеби биле планирани, и нема да гостуваат во Охрид, никој сега не може да претпостави. Како што не може ни да се претпостави какви се' игри се плетат за новото директорско место.
Во Охрид неделава што изминува, како што и се очекуваше, кружат гласини дека и новиот директор ќе биде од редот на ВМРО ДПМНЕ. Дали ќе биде соодветно образован и погоден за новата функција ќе се види по завршувањето на, по скратена постапка вчера распишаниот конкурс за негов избор.
Досегашното искуството не' тера да бидеме загрижени за натамошниот начин на функционирање на манифестацијата бидејќи таа сега наликува на брод насукан на брегот. Наместо со музика, бродот „Охридско лето“ е полн со сплетки, скандали, меѓусебни обвинувања. А токму тој брод на Охрид и на Македонија им носеше уметници од светски глас, култура од различни делови од светот, но допринесе и за ширеше на нашата.
За да биде Фестивалот сериозна институција, државата треба сериозно да му пристапи на процесот на неговото раководење. Да не дозволува да биде предмет на чаршиски муабети кои се шират додека одговорните си молчат.
Делуваше многу несериозно, дури и смешно деновиве кога одредени изјави на надлежните, но и протагонистите во случајот „Охридско лето“ се менуваа од ден на ден. Несериозно за манифестација со која се гордееме и која ја отвора и претседателот на државата, пред многу публика се разбира. |