Бабамовски: Ивановски не беше кодош!
Малолетник не може да биде соработник на службите за државна безбедност, тврдеше поранешниот раководител во УДБА
Гордана Дувњак
Малолетник не може да биде соработник на службите за државна безбедност, бидејќи таквото лице е се' уште кривично и материјално неодговорно. Малолетничка група може само да биде оперативно опсервирана за да се следат нејзините активности, но доколку не се докаже нејзиното штетно криминално дејствување, полициското досие во рок од шест месеци треба да биде уништено. Треба да се прави разлика меѓу полициско досие на репресирано лице и соработничко, бидејќи тие се водат на различни места. Постои посебна процедура за формирање соработничко досие и за дерегистрација, како и за наградување на кодошот. Недозволиво е со молив да се допишува на досието, бидејќи тоа е траен документ, а го пишувале на македонски јазикот.
Ова го тврдеше Иван Бабамовски, стручен помагач на Управниот суд, кој по барање на тужителот Трендафил Ивановски сведочеше на вчерашната јавна седница што се одржа во големата сала на Врховен суд. Тричлениот Судски совет на Управниот суд дополнително ќе одлучи дали ќе да ја прифати жалбата на поранешниот претседател на Уставен суд, кој го оспори решението на Комисијата за лустрација, која утврди дека во младоста соработувал со безбедносните служби. Поради сложеноста на предметот, судиите рекоа дека им е потребно време за донесување конечна одлука.
И по вчерашното рочиште тужителот и тужената страна останаа на своите поранешни ставови. Ивановски, дека станува збор за полициско досие на репресирано лице, а не за соработничко, во кое има многу нелогичности, грешки и фабрикации. А, претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, сметаше дека се потврдиле нивните наоди, а понудениот експерт бил во функција на тужителот и не треба да се земе предвид како вештачење.
Поранешниот пензиониран раководител во УДБА и публицист од областа на безбедноста и разузнавањето, на расправата не беше доволно прецизен дали полициско досие може да се трансформира во соработничко. Најпрво рече „тешко“, за малку подоцна самиот да се коригира и да каже - никако. За време на сведочењето, кога во детали ја објаснуваше постапката за формирање досиеја, тој беше опоменат од судиите да не се изјаснува околу конкретниот случај. Но, за време на паузата, по барање на новинарите да го каже сопствениот став околу конкретниот случај, Бабамовски беше дециден: „Ивановски никако не можел да биде кодош. Како малолетник со 16 години тој можел да биде само информатор на кој му се заканиле дека ќе биде избркан од гимназијата“. Тој тврдеше дека за време на неговата професионална кариера не сретнал досие со псевдоним „Средношколец“, или „Ламбе“.
Во тајните служби, како што рече поранешниот вработен во УДБА, не сретнал ни досиеја со псевдоним „Вујко“, „Ибар“, „Мајка“, „Стрелец“. Но, тој се прашува како тие се нашле во рацете на одредени поединци. Како што кажа, несериозно и недозволиво било такви досиеја да се растураат по улица.
„Најгласни лустратори сега се оние што треба и сами да бидат лустрирани, бидејќи некои од нив се министри, а во тоа време обвинуваа луѓе токму врз сознанијата добиени од соработнички досиеја“, рече Бабамовски.
Инаку, за ангажирањето соработници на безбедносните служби имало посебни правила. Се воделе три вида досиеја: лични, соработнички и збирни, во кои биле документирани сите добиени сознанија за некој оперативен случај. Немало потреба од посебна согласност за личните досиеја, бидејќи постапката била тајна. Но, за разлика од нив, за формирање соработничко досие била потребна согласност и одобрување од непосреден старешина. Псевдонимот на соработникот може да му биде променет, доколку е пробиен. Извештаите немале печат, бидејќи биле за интерна употреба. Наградата на соработниците им се давала, обично, во кеш, без потврда, но по „дебело образложение“ од оперативецот. Парите, кои за исклучителни информации можеле да достигнат дури и до еден милион долари, ги одобрувал повисокиот надлежен, а на крајот од секоја година се правел отчет. Но, како што беше речено на вчерашното сведочење, во службата на УДБА постоела „голема доверба“ и „не биле расипници“.
|