Поп-ѕвезда
Северина без Славко во Скопје
Катерина Шекеровска
Хрватската поп-пејачка и актерка Северина во Скопје ќе допатува еден ден пред концертот закажан за 6 ноември (сабота) во спортската сала „Борис Трајковски“. Како што дознаваме, Севе во земјава ќе дојде без својата љубов, Славко Шаиновиќ, со кого е во врска повеќе од две години, а ќе остане неколку дена по концертот. Како што ни кажа при последната средба пред околу месец дена, во Македонија се чувствува релаксирано како меѓу свои блиски луѓе, а она на што не може да им одолее се специјалитетите на македонската национална кујна. Токму нашите јадења, а и средбите со драги луѓе се главната причина за продолжување на нејзиниот престој. Килограмите, како што вели, не ја загрижуваат премногу зашто сака да ужива во традиционалните јадења, а на нив ќе мисли кога ќе се врати дома и кога веднаш ќе продолжи со здравиот начин на исхрана.
Спектакл во Скопје
Северина не би била она што е доколку од своите настапи не прави спектакли. Во Скопје заедно со неа ќе допатуваат и 16 музичари и 8 танчарки, а како специјален гостин ќе го видиме Горан Бреговиќ, со кого ќе отпее пет песни. „Продажбата на влезниците оди одлично и како што имам информација, веќе се при крај. Уште еднаш апелираме до публиката да дојде навреме со цел да се избегнат турканиците на влезовите“, ни изјави Рената Петрова од ТА „Гуливер“, организатор на концертот. Таа додаде дека салата ќе биде специјално адаптирана и дека во неа ќе има само места за седење, а не и за стоење.
Северина ќе пее, ќе игра и ќе танцува, а концертот тематски ќе биде поделен во неколку дела: ќе почне весело и разиграно, па ќе следува Едит Пјаф - кабаре дел, потоа посмирени ноти - балади, далматински песни, тамбураши, диско... За време на настапот таа ќе се преслече неколкупати, а со ова гостување ќе ја заокружи промотивната турнеја на последниот албум „Здраво Маријо“, која се одви��аше во поголемите градови на поранешните ЈУ-простори.
Картите за концертот во Скопје се продаваат по цена од 500 и 600 денари, а официјалниот почеток е закажан во 21 часот. Со цел да се избегнат турканиците, вратите на салата „Борис Трајковски“ ќе бидат затворени 15 минути пред почетокот на концертот, во 20,45 часот часот.
ТадиЌ „во љубов“ со Северина
Топ-тема во хрватските и во српски медиуми деновиве е преписката меѓу српскиот претседател Борис Тадиќ и Северина, кој спроти првата посета на Вуковар, во своето прво големо интервју за хрватските медиуми откри дека секое утро се буди со песните на Севе. Призна дека никогаш не ја запознал лично, но дека му е една од најомилените хрватски пејачки, чии песни ги има во својот ајпод.
Српските весници се преполни со фотографии на Северина и на Тадиќ, а таблоидите се натпреваруваат што поубаво да ја изразат нивната љубов. Најдалеку од сите отиде „Курир“, кој на цела насловна страница објави: „Северина му порачува на Борис: Ќе ти го дадам она што го сакаш!“
„Баш убаво, драго ми е. Ми кажаа дека ја сака песната „Шта ме сад питаш шта ми је“, која сама ја напишав. Ќе му го подарам моето ДВД од концертот во белградска „Арена“, кое ќе се вика „Триесетти во живо“, му одговори Северина на српскиот претседател.
Од Рачан до Тадиќ
Политичко-музичкиот потенцијал на Северина го препозна и покојниот Ивица Рачан, кој во 2003 год. ја ангажираше во кампањата на СДП, како и нејзиниот роднина Ранко Остоиќ на изборите за сплитски градоначалник. И во двата случаја Северина беше во добивка. Таа се појави и како заштитно лице на синдикалците, кои собираа потписи за референдум во земјата, а не ретко на своите концерти и настапи ја задева Јадранка Косор.
За Нова година во Будва
Северина веќе го закажа и новогодишниот настап, па 2011 година ќе ја дочека на отворено, во Стари Град во Будва, а најверојатно ќе отседне во претседателскиот апартман на хотелот „Сплендид“, во кој за време на посетата на Црна Гора престојуваа Анџелина Џоли и Бред Пит |