Атињани удрија на странските амбасади
Жртви на нападите нема, но ескалираат стравот и загриженоста за понатамошни напади
Атина - Експлозијата на бомба во швајцарската амбасада во Атина ги зголеми тензија и стравот во странските амбасади во грчката престолнина поради закана од терористички напади. Во текот на изминатите два дена беа упатени пакети со експлозивен материјал до амбасадите на Франција, поконкретно до францускиот претседател Никола Саркози, на Бугарија, Швајцарија, Мексико, Холандија, Белгија, Германија, Русија и на Чиле. Експлозии имаше во амбасадите на Швајцарија и на Русија, жртви на нападите нема, но ескалираат стравот и загриженоста од натамошни напади.
Вчера прва изненади експлозијата во амбасадата на Швајцарија што се случи напладне. Според извештаите, една од вработените во амбасадата забележала дека е сомнителен пакетот и ја фрлила бомбата во дворот на амбасадата по што веднаш следела мала експлозија. Кусо време по нападот на швајцарската амбасада, грчката полиција и антитерористичките екипи беа повикана и во бугарската амбасада поради сомнителен пакет што пристигнал кај нив изутрината. Пакетот беше деактивиран, со тоа спречувајќи ја можноста за уште една експлозија. Подоцна во текот на денот беше пријавена експлозија и од руската амбасада.
Пакетот наменет за амбасадата на Чиле не е познато како се најде во рацете на курирот на грчкото Собрание откако претходно бил во зградата на премиерот Јоргос Папандреу. За среќа, поради сомнителниот изглед и адресата за која бил наменет, осигурувањето на грчкиот пармалент извршило проверка и по утврдување дека содржи експлозивен материјал, антитерористичките екипи го деактивираа во дворот на Собранието.
Грчките специјалци вчера беа распоредени во неколку различни делови на градот справувајќи се со потенцијалните пакети со експлозивен материјал упатени до амбасадите. Полицијата се' уште се обидува да го утврди идентитетот на двајцата осомничени што беа уапсени во понеделникот по првата експлозија на пакет наменет за мексиканската амбасада во просториите на една од агенциите за брза пошта во атинската населба Паграти. Двајцата осомничени за време на апсењето носеле панцири, перики и биле вооружени. Уапсените одбиваат да дадат какви било информации за нивниот идентитет или за причината за нападите. Оружјето што го имале со себе по балистичката проверка се покажа дека досега не било искористено во терористички напади како што стравуваше полицијата. Сепак, за еден од осомничените се' уште постои сомнеж дека е дел од терористичката група „Огнени јадра“.
Од македонската амбасада во Атина вчера ни изјавија дека немале никаква закана ниту, пак, примиле сомнителен пакет. Во амбасадата се применуваат мерки на зголемена претпазливост, вратите вчера останаа затворени, а не беа примени никакви пакети и писма. Полицијата доби задолженија да ги проверува сите пакети наменети за амбасадите, а вработените во амбасадите добија инструкции како да реагираат доколку примат сомнителни пакети или писма.
Се' уште нема некакви објаснувања каква е поврзаноста на амбасадите што се нападнати и што е целта на нападите. Неколку од партиите веќе реагираа дека нападите се режирани и се обидуваат ��а ја разнишаат стабилноста на државата само неколку дена пред локалните избори закажани за в недела. (М.П.) |