СМЕНИ ГО КАНАЛОТ
Долги нозе за домаќински муабети
Јасминка Павловска
Како што одбројува крајот на летото, наместо да се намалуваат температурите, метеоролозите и опозицијата најавуваат жешка есен. На Сител во рекламниот блок веќе започна да се покажува едно дрво без лисја, придружено со музиката од серијата поради која беше најголема загриженоста за затворањето на А1 - „Кога лисјата паѓаат“. Секако, по онаа загриженост за „загрозеноста на слободата на ме��иумите“. Значи, Сител најавува дека му носи утеха на народот загрозен по серии, а загрижените за „слободата на медиумите“ утеха ќе си бараат таму каде што некој друг ја изгубил.
Со крајот на летото, полека започнаа да заживуваат утринските и вечерни програми. Не сите, но барем оние на кој водителите им се вратија од одмор – исончани, освежени и со нов работен елан за нови медиумски победи. Особено водителките! Во ист утрински термин, но, секако, на различни канали, не можеа да минат незабележано долгите исончани нозе на Бојана Тевчева од Алфа и Милена („Здраво Македонија“) од Канал 5. Особено на Бојана, која во утринскиот „Портик“ беше толку „расфрлана“ со нозете како тукушто да се прибрала од плажа. Навистина „освежувачки“, како зрно надеж дека во државава можеби, конечно, ќе почне да се прави и некаков поинаков „домаќински“ муабет, како што е, на пример, расправа за женските нозе, наместо само и само за политика, локална, глобална или комбинирана.
Тоа ме потсети на честите раскажувања на еден колега за неговата платонска љубов кон некогашната ТВ водителка на ЈРТ, Дина Чолиќ. Човекот искрено си признава дека во дамата се „вљубил“ токму поради ТВ-илузијата за нејзините долги нозе „колку едно фиќо“ што ги здогледал, ако не се лажам, на „Кино око“ или на некоја полноќна програма. Подоцна, кога и' правел интервју , токму на Дина Чолиќ, видно се разочарал, зашто госпоѓата била ситна и нежна, но далеку од тоа дека нозете и' биле долги колку „фиќо“ (тогаш тоа било мерка за должина на женските нозе). Но, сеедно, тој до ден-денес и' е „верен“ на таа своја платонска илузија и го раскажува како свое големо новинарско „истражувачко“ искуство. Не се сомневам дека оваа приказна би ги вознемирила активистките за женски права, но убедена сум дека ваквите муабети се многу помалку контаминирачки од жолчните политички дебати на (квази)аналитичарите. А и приказнава за Дина Чолиќ би можела да биде поучна и за Бојана Тевчева - значи не мора нозете да бидат до колкови разголени за да изгледаат долги и секси.
Но, надежта за лесна меѓучовечка конверзација (за долгите женски нозе) згасна во мигот кога премиерот Никола Груевски се појави на Сител, есенски облечен со ветровка, на 35 Целзиусови степени, за да се ослободи од стресот возејќи велосипед на кејот на Вардар. Можеби тој се ослободи од стресот (во што навистина се сомневам), но затоа целата нација се напрегна да го протолкува ова негово „кежуал“ појавување меѓу спортски настроениот народ. За арно, за лошо премиерот на велосипед се претвори во топ-тема и на интернетските и во кафеанските форуми. Она што е најсимтоматично, велосипедот испадна само како пуштен појас за нагазување, па да започне кавгата на политички теми. Дури и да имал ниет Груевски да пропагира велосипедизам, па дури и со изнајмен точак, тешко дека некој така ја прифатил добронамерната порака на премиерот. Но, којзнае дали баш и тоа била намерата? Во секој случај, го фрли во заборав обидот за „домаќински“ олабавен муабет за женските нозе.
Нам, на ТВ-гледачите изгледа стресот ни е курдисан дотаму што и вртењето на педалите на велосипедот и муабетите за банални теми, па и менувањето на ТВ-каналите ни се сведува на (квази)политички фрустрации. Бидејќи „спикерите“ на ТВ-парламентите се сите на број, по своите ТВ-куќи, одморни и исончани, значи дека е вистинско време да се замине на одмор. Да се фати последниот воз пред жешката есен! И можеби да се сврти некој нормален муабет, без телевизија! |