Влоговите во банките паѓаат прв пат по шест години
Пари најмногу повлекуваат фирмите и ЈП, а граѓаните, сепак, продолжуваат да штедат
Нина Нинеска-Фиданоска
Влоговите што компаниите и граѓаните ги чуваат во македонските банки во јули годинава прв пат почнаа да паѓаат на годишна основа, откако во изминатите шест години континуирано се зголемуваа. Вакви драматични податоци вчера изнесе Народна банка на Македонија во својата најнова месечна информација, објавена на веб-страницата на НБРМ.
Притоа, многу повеќе пари од банките повлекле фирмите, за разлика од граѓаните, кај кои има мал пораст на влоговите. Гледано според валути, драстично се намалени денарските депозити во банките, додека девизните влогови и понатаму растат.
Централната банка укажува дека на годишна основа, во јули годинава, во однос на јули 2008 година, вкупните депозити кај банките се пониски за 0,1 отсто.
Годишно намалување на влоговите во земјава немаше ниту кога изби финансиската криза, ниту во досегашните кризни месеци.
„Тоа претставува прва негативна стапка на промена во последните шест години. Ваквата промена на вкупните депозити е одраз на силниот годишен пад на денарските депозити од 17,5 отсто (падот бил 12,1 процент во претходниот месец), при забележан годишен пораст на девизните депозити од 20,7 отсто (растот бил 19,5 проценти во јуни). Од аспект на секторската структура продолжи трендот на забавен годишен раст на депозитите на домаќинствата, при што во јули 2009 година годишната стапка изнесуваше 10,3 отсто, додека кај депозитите на претпријатијата (приватни и јавни) е забележан значителен годишен пад од 23,2 отсто“, се наведува во најновата месечна информација на монетарните власти.
Вкупниот депозитен потенцијал на банките во јули забележа намалување на месечна основа од 1.717 милиони денари или за близу 28 милиони евра, или за еден отсто, наспроти порастот од 0,8 проценти во претходниот месец, што речиси во целост се должи на месечното намалувањето на вкупните депозити на претпријатијата од 6,1 отсто. Од друга страна, девизните депозити на претпријатијата остварија пораст од 8,7 отсто на месечна основа, со што делумно го надоместија падот на денарскиот депозитен потенцијал. Во јули, депозитите на домаќинствата на месечна основа се зголемија за 2.045 милиони денари или за околу 33 милиони евра, или за 1,8 отсто. Истовремено, во јули, сепак, имало мал раст на денарските влогови на граѓаните, што може да упатува на постепено враќање на довербата.
Инаку, јули е втор месец по ред во кој НБМ остварила нето-откуп на девизи на девизниот пазар, и т��а 33 милиони евра, што е поголем обем во споредба со јуни. Во таа насока дејствувале и благајничките записи, задолжителниот депозит и девизниот депозит на НБМ.
Од друга страна, пак, нето-позицијата на државата кај централната банка остварила силен месечен пораст како резултат на еврообврзницата, со што салдото на девизната сметка на државата кај НБМ се зголеми за 175 милиони евра.
Централната банка информира дека по двомесечното стеснување на вкупното кредитно портфолио на банките во јули се појавиле знаци на стабилизирање на кредитниот пазар. Така, вкупните кредити на банките кај приватниот сектор во јули се повисоки за 546 милиони денари или за 0,3 отсто, наспроти месечниот пад во јуни од 0,6 отсто. За разлика од претходните два месеца кога паѓале кредитите на претпријатијата (за 0,7 отсто и 1,2 отсто во мај и во јуни), во јули корпоративните кредити забележале пораст од 0,4 отсто. За НБМ е добро што „иако кредитната поддршка на банките кон приватниот сектор од почетокот на годината е значително ослабена, сепак, таа не престанува, што во услови на рецесиски тенденции во домашната економија претставува начин за полесно надминување на кризата“.
Во јули кредитите на домаќинствата се зголемија за 12,7 отсто на годишна основа, додека корпоративните кредити имаа годишна стапка на раст од 10,3 отсто. Според јулската проекција, за третиот квартал од 2009 година се очекува натамошно забавување на годишната стапка на кредитен раст, при што таа би се свела на 7,1 отсто на крајот на септември 2009 година.
Со состојба на 31 јули годинава, бруто-девизните резерви изнесуваат 1,39 милијарди евра и се пониски за 85,6 милиони евра во однос на крајот на 2008 година.
Во првите пет месеци на 2009 година, во услови на влошени позиции кај сите компоненти на тековната сметка на билансот на плаќања, дефицитот достигна 416,8 милиони евра, или се продлабочи за 47,7 отсто на годишна основа, додека дефицитот во истиот период од 2008 година изнесуваше 282,2 милиона евра. Во периодот април-мај 2009 година се забележува релативно поповолен тек на трендовите во надворешниот сектор, односно приливите врз основа на приватни трансфери се на повисоки нивоа, додека цените на металите на светските берзи забележаа заздравување, што е значаен позитивен сигнал за извозниот сектор. |