Исцедените фирми навалија на евтините кредити
Банките од вчера ги примаат барањата на компаниите, но велат дека ќе поминат само издржаните проекти
Соња Маџовска
Банките ги потпишаа договорите со Македонската банка за поддршка на развојот. Сега останува фирмите да ја поминат процедурата за да дојдат до евтините кредити.
По еден месец преговори, откако државата попушти пред барањата на банките, со што учеството на банките се помести на минимум 25 отсто, додека поголемиот дел, односно 75 проценти од кредитите ќе бидат поддржани со средства од Европската инвестициона банка, банките решија да ја поддржат оваа антикризна мерка. Се дознава дека со банките е додговорено каматата на заемите во првата година да биде 6 отсто, а во наредните години таа да изнесува еулибор плус 5 отсто, но само за делот што го одобруваат банките, а за делот од ЕИБ пак да биде 6 проценти.
Покрај седум банки на кои МБПР им достави договори уште пред еден месец, а тоа се Комерцијална банка, Стопанска банка, НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Битола, Прокредит, Инвест банка и Охридска банка, во целиот проект, односно во кредитната линија од ЕИБ од 100 милиони евра ќе се вклучат и уште две банки - Уни банка и ИК банка. Од нив, до вчера претпладне четири банки веќе ги имаа потпишано договорите, додека другите се очекуваше да го сторат тоа или вчера попладне или денеска, објаснуваат од МБПР.
Интересен е фактот што, впрочем, било и еден од условите што ги поставиле банкарите, а тоа е банките да можат да конкурираат со веќе одобрени кредити во последниве шест месеци. Тоа значи дека поголемите банки уште деновиве можат да побараат повлекување на првата транша од 3 милиони евра, ако ги соберат одобрените заеми кои веќе се користат од малите и од средните фирми. Од МБПР добиле ваква најава од банките, а тоа значи дека тие ќе конкурираат веднаш кај ЕИБ за да си ги повратат веќе одобрените средства во изминативе шест месеци, односно ќе извршат само рефинансирање на тие проекти.
Компаниите, финансиски исцрпени, кои едвај преживуваат и ги молеа банките за поголема флексибилност, уште од вчера почнале да се интересираат за условите, за да ја приберат потребната документација.
Дел од бизнисмените вчера изјавија дека, сепак, многу поголемо фајде од заемите ќе имале доколку ги добиеле пред два месеци.
Колку овие суми и реално ќе дојдат до фирмите, ќе зависи од проектите што ќе ги понудат. Банките ќе делат пари според веќе постојните комерцијални услови, односно дека филтерот ќе го минат само економски исплатливите проекти. Кредитите ќе се движат од 12.500 илјади евра до над 2 милиона евра. Сепак, според банкарите, реално е да се очекува дека парите на фирмите ќе им бидат достапни дури кон крајот на месецов.
Дали кредитите ќе бидат одобрувани како денарски или девизни, ќе зависи од интересот на фирмите и од тоа дали тие ги исполнуваат условите за тоа.
Првиот човек на Стопанска банка, Глигор Бишев, потврди дека банката од вчера ги прима кредитните барања од компаниите кои имаат проекти за финансирање преку кредитната линија од ЕИБ. „Вкупно на располагање на стопанството му се околу 130 до 150 милиони евра, зависно од тоа колку банките ќе учествуваат во ова кредитна линија. Ова значи дека стопанството ќе има поддршка за сите проекти кои се профитабилни, кои нудат нови вработувања и се одржливи на долг рок“, изјави завчера Бишев во Прилеп.
Инаку, две програми се предвидени, за кои фирмите ќе може да бараат заеми, и тоа за инвестициони кредити и кредити за трајни обртни средства.
Но, интересно е и тоа што од двете кредитни програми, исклучени за финансирање се проекти што се однесуваат на производство на оружје, игри на среќа, производство на тутун, активности поврзани со живи животни, активности што имаат влијание на екологијата, клонирање, активности од областа на трговија со недвижен имот, проекти со пресметковна вредност поголема од 25 милиони евра, проекти што се однесуваат на финансирање бензински пумпи, автосалони и трговија.
Услов фирмите воопшто да можат да конкурираат за евтините кредити, на пример, за микрофирмите, е да имаат годишен обрт од 50 илјади евра, и да имаат петмина постојани вработени. Малите фирми да имаат обрт од 200 илјади евра и од шест до 50 вработени, а средните претпријатија со исто толкав годишен обрт и од 51 до 250 постојано вработени. |