Летувањето во Црна Гора годинава поевтини од 10 до 30 отсто
Причина за намалување на цените за годинашната летна сезона е влијанието на светската финансиска криза
Црна Гора за годинашната летна сезона најавува поевтина туристичка понуда и воведување директни авионски линии од Скопје до Подгорица и Тиват. Причина за намалување на цените е влијанието на светската финансиска криза, беше речено на вчерашната презентација во Скопје.
„Подготвени сме да ја приспособиме понудата спрема куповната моќ на туристите што во овој период, генерално, е намалена. Тоа, секако, нема да се одрази врз квалитетот на услугите. Хотелското сместување ќе биде поевтино од 10 до 30 отсто. Седумдневен аранжман ќе чини колку престој за шест дена, а двонеделен како да летувате 12 дена. Цените на приватното сместување, пак, се намалени за околу 20 проценти“, рече црногорскиот министер за туризам, Предраг Ненезиќ, додавајќи дека оваа не е година на остварување профит.
Според Ненезиќ, еколошката такса не е укината. За мали возила чини 10 евра годишно, додека за автобуси е 80 евра.
Бројот на македонските туристи што ја посетиле Црна Гора во последните шест години е тројно зголемен. Само лани се евидентирани 250.000 ноќевања на гости од Македонија. Амбасадорот на Црна Гора во Македонија, Душко Лаличевиќ, напомена дека политичките односи меѓу двете земји се исклучително добри, без ниту едно отворено прашање, но економската соработка, воопшто, не задоволува. „Трговската размена е далеку под нивото на кое била во поранешна Југославија, но туризмот, како посебна гранка, сепак, бележи нагорен тренд“, рече Лаличевиќ. (МИА) |