Договорите со инвеститорите мора да се почитуваат
Договорите со инвеститорите, сеедно дали се домашни или странски, мора да се почитуваат. Ова вчера го истакна шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, на конференцијата на „Фри маркет роад шоу 2009“.
Имено, во организација на Институтот Хаек од Виена и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид, вчера во Скопје се одржа првата од серијата конференции предвидени со „Фри маркет роад шоу 2009“, на која се дебатира за причините, последиците и за идните текови на светската економска криза.
Милошоски укажа дека оваа година ќе биде тешка за сите држави, а со оглед на тоа што поголемите трговски партнери на Македонија ќе имаат помала или поголема рецесија, нашите извозни компании ќе се соочат со голем предизвик да ги задржат вработените и да успеат до периодот кога ќе почне заздравувањето. Министерот порача дека во следниот период е многу важно да се задржи добрата инвестициска клима. „За да се постигне тоа, треба да имаме добро организиран систем во кој владеењето на законот и почитувањето на склучените договори ќе бидат основните предуслови за да може секој да се чувствува еднакво третиран во земјата каде што инвестирал, без оглед дали е наш или странски инвеститор“, рече Милошоски.
Според него, постои мала опасност економската криза да го забави процесот на евроинтеграциските процеси. „Но, во секој случај, не очекуваме малите земји-аспиранти за членство во ЕУ и за визна либерализација да бидат колатерални жртви на она што е резултат на недостатоците на Волстрит. Процесот на евроинтеграциите во секој сегмент треба да продолжи“, рече Милошоски.
Според Карл Јохан Вестхолм, генерален секретар на организацијата Мон Пелерин, иако Македонија е мала земја, на тоа не треба да се гледа како на недостаток, туку да ги користи максимално потенцијалите и да постапува по сопствено видување. „Предлагам да не го губите времето и да учите од искуствата на сегашните земји-членки, кои добро се подготвиле и воделе добри преговори. Ако водите добри преговори, тогаш сте и добар член на Унијата“, изјави Моника Форстингер, поранешна министерка за иновации на Австрија. „Фри маркет роад шоу“ е серија конференции на високо ниво. Првпат годинава карванот почна од Скопје и до 20 мај ќе мине низ уште седум европски града - Загреб, Подгорица, Виена, Братислава, Вадуц (Лихтенштајн), Париз и Лондон. (Ек.Р.) |